Тимот за имиграциска политика при Министерството за внатрешни работи потврдува дека се покренати обвиненија за кривичното дело злоупотреба на татковството, при што на неколкумина измамници им се изречени казни до шест години затвор.
Но, извори на британскиот медиум LBC тврдат дека само во изминатите две години стотици азиланти стекнале државјанство преку оваа измама.
Дојдоа маж и жена со новороденче. Не зборуваа на ист јазик и живееја оддалечени стотици милји - едниот во Манчестер, а другиот во северен Лондон. Ја прашав мајката дали е сè во ред, но ми одговори мажот. Кога го прашав, не го знаеше името на партнерката. Го пријавив случајот кај шефот, но тој рече дека мораме да го регистрираме новороденчето, бидејќи не можеме да докажеме ништо. Сепак, ова почна да се случува секоја недела, раскажала жена вработена во матична служба во регионот Мидлендс.
Слични сведоштва кажале и други службеници во лондонски општини. Тројцата „свиркачи“ не биле меѓусебно поврзани.
Правни експерти објаснуваат дека регистрирањето на татко на дете родено од британска партнерка во Британија не му дава на барателот на азил автоматско право за престој во земјата, но ги зголемува шансите да му биде одобрена апликацијата.
Детективи од лондонската Метрополитен полиција велат дека мрежата за организираат криминални групи што стојат и зад скандалот со склучување лажни бракови заради државјанство.
Можеби проценката од 1 на 100 случаи е малку претерана, но не е далеку од вистината, вели Нил Ланкастер, поранешен виш наредник во Метрополитен.
Додека тој бил на задача во тимот за имиграциски криминал при Министерството за внатрешни работи биле одобрени „зачудувачки голем број“ лажни барања поради притисокот од трошоците и временските рокови.
Работата доцни. Во Министерството имаме само 2.000 луѓе, недоволно обучени и со ограничени ресурси, кои се ангажирани на обработка на овие барања. И кога некој ви врши притисок полесно е да одобрите, бидејќи тогаш нема жалба и предметот се затвора. Едноставно штиклирате поле на документ и преминувате на следното барање, вели Ланкастер.
Тој се сомнева дека криминални групи соработуваат со правни фирми, што претставува профитабилен бизнис и за двете страни.
Сè се сведува на пари. Во оваа работа може да се заработат огромни суми. Ќе ви дадам пример: во голем случај против еден корумпиран адвокат во Источен Лондон, запленетата сума стекната преку криминални дејствија надмина 2 милиони фунти, додава детективот.
Министерството за внатрешни работи тврди дека активно се справува со злоупотребите на татковството преку истраги, одземање пасоши и кривично гонење.
Како резултат на нашата работа, стапката на одобрување азил опадна од 77% во 2022 година на 38% оваа година. Спроведуваме строги процедури за проверка на веродостојноста и за откривање измамнички барања, соопшти британското МВР.