Кина смета дека поминало најлошото во односите со САД

По посетата на Трамп на Пекинг, Кинеската шпионска агенција објави документ во кој заклучува дека офанзивната фаза на Америка во односите завршила, а Кина ја издржала без големи последици. Прашањето за Кина повеќе не е „како да се преживее“ притисокот од САД, туку како да се развива идна соработка на рамноправна основа, со меѓусебно почитување на „црвените линии“.

Извештајот на кинеската разузнавачка агенција МСС го сумира досегашниот развој на односите помеѓу Вашингтон и Пекинг, особено откако Си Џинпинг ја презеде власта пред повеќе од една деценија. Моќната агенција чија единствена задача е да внимава на заканите од САД, не изразува загриженост.

Напротив, очекува период на приближување на двете земји на рамноправна основа, јакнење на довербата, соработка на полињата за кои имаат заеднички интереси, намалување на ризиците и меѓусебно почитување на „црвените линии“.

Во контекст на сè почестите интеракции меѓу кинеските и американските лидери, се очекува 2026 година да биде нова почетна точка за развој на поконструктивни, стратешки и стабилни односи меѓу Кина и САД. Односите не можат да се вратат во минатото, но можат да постигнат коегзистенција. Сè додека двете страни се придржуваат до консензусот постигнат од нивните лидери, тие ќе можат да ги надминат разликите, да избегнат конфликти и да изградат правилен пат на коегзистенција, што ќе им користи на луѓето од двете земји и на светот, забележува агенцијата.

Истакнувајќи дека актуелната глобална ситуација е во интензивна транзициска фаза во која „стариот поредок се распаѓа, а нов поредок сè уште не е воспоставен“, во извештајот се дефинираат шест основи за понатамошен развој на односите помеѓу двете големи сили.

Првата е разјаснување на новите позиции на Кина и на САД.

Двете земји треба да се гледаат една со друга од стратешка и долгорочна перспектива и да промовираат понатамошен напредок во односите како „партнери и пријатели“. Треба да ги потврдат црвените линии што не можат да се преминат и да избегнуваат стратешки погрешни пресметки што би можеле да доведат до конфликт и конфронтација.

Втората е директно поврзана со „црвената линија на Пекинг“ - статусот на Тајван.

САД треба да разберат дека повторното обединување на двете страни од Тајванскиот теснец е неизбежен историски тренд, заедничка аспирација и волја на целиот кинески народ. Треба целосно да ја препознаат природата и штетата на сепаратистичките сили и навистина да ја спроведат својата обврска да не ја поддржуваат независноста на Тајван, избегнувајќи каква било субверзивна штета на односите меѓу Кина и САД. 

Третата основа е изградба на нови канали за комуникација и мостови за дијалог. Двете земји треба да го подобрат механизмите за дијалог во трговијата, дипломатијата, спроведувањето на законот, па дури и воените прашања. Во исто време, треба да ги прошират размените меѓу академските кругови, локалните самоуправи, претпријатијата, тинк-тенковите и другите нивоа на двете земји, придонесувајќи за меѓусебно разбирање, доверба и учење.

Во извештајот се повикува на прагматична соработка на полињата каде што интересите на двете страни се спојуваат и каде што може да имаат опипливи придобивки, како на пример енергетската транзиција и борбата против трговијата со дрога. На оваа основа може да се соработува за глобалните предизвици како вештачката интелигенција и здравствените системи.

САД и Кина, исто така, треба да изградат нова рамка за да се направат разликите „контролирани, а ризиците „предвидливи“.

Односите треба да се префрлат од „итно гаснење пожар“ кон „управување со ризици“. Треба да се постават ефикасни бариери за прашања со висок ризик, како што се трговските тензии, технолошката конкуренција и Тајванскиот теснец, за да се спречи неконтролирано прелевање.

Шестата основа е зближувањето на граѓаните на двете земји. Двете земји треба постојано да ги прошируваат размените и соработката во образованието, младите, културата, спортот и други области, проактивно да ги отстрануваат практичните пречки како што се визите.

Пријателство меѓу луѓето е камен-темелник на односите меѓу Кина и САД. Надежта лежи во луѓето, иднината лежи во младите... Само кога луѓето од двете земји навистина ќе се зближат еден со друг, здравиот развој на односите меѓу Кина и САД може постојано да се зајакнува и да издржи какви било бури, се заклучува во документот на Кинеската агенција.

22 мај 2026 - 13:16