Кина почна да дезинфицира и пари

Мерките на претпазливост од ширење на коронавирусот сега веќе ги опфаќаат и банкнотите што се во оптек во Кина кои подлежат на дополнителни мерки на дезинфекција, а во одредени случаи и палење.

Претставници на Кинеската народна банка на прес-конференција објавија дека сите пари депонирани во банките мора да бидат дезинфицирани со ултра-виолетово светло, а потоа да бидат држени најмалку една недела пред да бидат вратени назад во дневниот промет.

Затоа што дел од банкнотите ќе бидат уништени, а дел ќе чекаат во сефови, централната банка во оптек ќе пушти нови банкноти во вредност од 600 милијарди јуани за да нема недостаток на пари, што потоа повлекува серија проблеми.

Хартиените пари стандардно важат за еден од највалканите предмети со кој луѓето се во секојдневен контакт, плус тие се далеку подобри во ширење вируси отколку металните парички.

Олеснителна околност во сето ова е што во изминатите години Кина успеа да стане една од водечките нации во светот по бројот на мобилни плаќања, а годинава се очекува дека околу 81% од тамошните корисници на смартфони ќе користат мобилни плаќања.

17 февруари 2020 - 13:35