Канада ќе плати дел од европските милијарди за Украина?

На Брисел му се отвори можност како да ги задоволи барањата од Зеленски за уште десетици милијарди евра помош, згора на 90-те што едвај ги собра за да ги покрие буџетските дупки на Украина за две години. Канада е заинтересирана да учествува во заемот, во замена за „асоцијативно членство“ во ЕУ и трговски привилегии на европскиот пазар.

Канадскиот премиерот Марк Карни оваа недела во Брисел ќе разговара со европските лидери за тоа како неговата земја може да го поддржи заемот од ЕУ за Украина. Ќе биде формирана работна група, која ќе треба да ја одреди сумата пред билатералниот самит во Монтреал закажан за крајот на октомври. Во финансискиот пакет би можела да биде вклучена и Британија, која Карни ќе ја посети веднаш по Брисел. Во Ливерпул ќе се сретне со новиот премиер Енди Бурнам.

ЕУ сака што е можно поблиски односи со Канада. Благодарни сме за сета поддршка што Канада ѝ ја дава на Украина и подготвени сме заедно да направиме повеќе, изјави европски функционер за Фајненшл тајмс.

Отава веќе има издвоено 6,5 милијарди канадски долари (4,7 милијарди американски) воена помош за Украина. Карни и украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот потпишаа договор за „стогодишно партнерство“. Зеленски побара од западните партнери уште 27 милијарди долари итна помош, за да може на вработените во државната администрација и војската да им бидат исплатени плати до крајот на оваа година.

Карни, пак, по судирот со Доналд Трамп се сврте кон Европа во обид да ја намали трговската зависност на Канада од својот единствен сосед. Во изминатите месеци приватно разговарал со сите клучни лидери – од Франција и Германија до Италија и скандинавските земји, како и со членови на кралските семејства. Со францускиот претседател Емануел Макрон ја отвореичесто разговара со Карни, се појави дури и идејата на Канаѓаните да им се овозможи да живеат и работат во Европа без визи, изјавија двајца функционери запознаени со тие дискусии.

На Европската Унија ѝ предложи амбициозен модел на тесно сојузништво, кој медиумите неофицијално го опишуваат како форма на „придружно членство“ на Канада во ЕУ, која би можела да се прилагоди за другите партнери, како Обединетото Кралство, Норвешка, Јапонија и Австралија.

Спроти неговата посета на Брисел, Канада и ЕУ веќе усогласиле договор за соработка во шест области: трговијата, безбедноста и регулативите, критичните суровини, енергетиката и чистите технологии, визната либерализација и финансиските системи. Се очекува деталите да ги објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето до Унијата задутре.

Двете страни разговараат за поставување кабли за поврзување под океанот, за заедничка изградба на центри за податоци, складирање во облак и нови сателитски мрежи надвор од дофатот на американските технолошки гиганти. Карни врши притисок за поставување на цевководи за пренасочување на природен гас од САД кон европските партнери кои останаа без руска енергија. Кршачи на мраз, според неговата визија, би отвориле арктички пат за канадското ѓубриво да плови кон исток, преку Северозападниот премин на Северниот Океан.

Сепак, претставници на ЕУ изјавија дека не можат да ѝ понудат на Канада ист однос како кон Норвешка или Швајцарија, кои уплаќаат средства во буџетот на Унијата за да добијат пристап до нејзиниот пазар. Десетина од 27-те земји-членки на ЕУ сè уште го немаат ратификувано привремениот трговски договор со Канада од 2017 година поради загриженоста дека нејзиниот извоз би можел да им наштети на европските земјоделци. Европа, исто така, бара Канада да ги намали царините за увоз на челик и алуминиум од ЕУ и да ги ублажи ограничувањата од политиката „Купувајте канадско“ пред самитот во Монтреал.

И покрај политичкиот судир, САД остануваат најголемиот трговски партнер на Канада, со годишна размена вредна 620 милијарди долари. Трговијата со Европа е значително помала и изнесува приближно 130 милијарди евра.

Стандардите на Канада се поблиски до оние на САД отколку до оние на ЕУ и такви и ќе останат поради нејзината зависност од главниот пазар, забележуваат европски функционери.

******
Види и: ЕУ сака нов трансатлантски партнер – Канада

14 септември 2026 - 12:13