Во време кога Бајден не покажува знаци дека има намера да ја напушти изборната трка, а демократите неофицијално лицитираат со имиња на гувернери и политичари кои би можеле да го заменат, Вол стрит журнал смета дека неговата најверојатна алтернатива и понатаму е Камала Харис.
По катастрофалната прва претседателска дебата, Харис се наметна како еден од најгласните бранители на Бајден, и во најкус рок во неколку интервјуа даде се од себе за да ја стиши паниката кај демократите, а тераше и турнеја и средби со гласачите и донаторите во кои ги убедуваше дека претседателот треба да го судат по неговите досегашни успеси, а не по дебатата.
Процената на ВСЖ е дека и покрај двоумењето на донаторите околу Бајден, Камала и нејзините сојузници се крајно внимателни да покажат дека се лојални кон претседателот.
Предноста на Камала во однос на конкурентите од демократите е што таа би имала поддршка од некој од највисоките демократски функционери, и што како партнер на Бајден на изборите ќе може да ги користи средствата што до сега се собрани за претседателската трка.
Дона Бразил, поранешна претседателка на Демократската конвенција, порача дека ако има обиди за прескокнување на Харис тоа ќе предизвика бунт, бидејќи имало причина зошто Бајден во 2020 ја избрал како партнер во претседателската трка. На нејзе добро ќе и дојде и поддршката што Бајден би можел да и ја даде како нејзин шеф.
Иако нема многу анкети кои ја проверуваат позицијата на Камала во однос на Трамп, сепак тие што ги има покажуваат дека таа има само малку пониски бројки отколку што Бајден има во споредба со Трамп.
ВСЖ забележува и дека последниве месеци Камала Харис зема и појавна улога во администрацијата вклучително и учество на разговорите со Нетанјаху и притисок врз функционери од администрацијата да покажат поголема емпатија кон Палестинците и да се фокусираат на планот за Газа по завршување на војната.