„Моцарт групата, една од најпроминентните, приватни американски воени организации во Украина, колабираше под облакот обвиненија кои се движеа од финансиски малверзации до носење одлуки под дејство на алкохол,“ пишува Њујорк тајмс.
Првите мисии на Моцарт се обука на украински војници и спасување на цивили од фронтовските линии, притоа успевајќи да соберат над 1 милион долари во донации. За цело време операциите им одат многу подобро отколку собирањето пари.
Тајмс пишува дека дури и кога функционира групата таа постојано има проблем со дезертирање, внатрешни борби, кражби и една тужба од финансовиот на Моцарт за основачот на групата, полковникот Ендру Милбурн.
„Тужбата, поднесена во Вајоминг, каде што Моцарт е регистрирана како компанија со ограничена одговорност, е список од ситни и сериозни обвинувања, кои меѓу другото го товарат Милбурн за давање понижувачки коментари за украинското раководство во 'значително пијана состојба', оставање на неговото куче да уринира во позајмениот стан, и 'пренасочување на фондови од компанијата' и останати финансиски злоупотреби,“ пренесува Тајмс.
Самиот Милбурн, кој доаѓа во Киев уште минатиот март кога градот е опколен со руски сили, го признава делот околу навредите против украинските власти, дополнително признавајќи и дека пиел кога ги дал коментарите, но целосно го отфрла делот со обвинувањата за финансиска злоупотреба.
Самиот Милбурн има 3-децениско искуство во американската армија и учествува во војни од Сомалија до Ирак. Тој тврди дека е близок пријател со поранешниот министер за одбрана на САД, генерал Џејмс Матис. Кога доаѓа во Киев таму го запознава Ендру Бејн, исто така поранешен маринец кој со децении работи во Украина, а од 2014 го раководи Украинскиот фонд за слобода, кој собира донации за купување опрема за украинската армија. Бејн е финансовиот што ја поднесе тужбата против Милбурн.
„Двајцата го формираат Моцарт, со име кое треба да е одговор на руска платеничка група која го користи името на друг славен композитор, Вагнер група,“ пишува Тајмс, кој забележува дека од старт има недоразбирања меѓу двајцата.
Од првичните неполни десет членови, групата за кратко време добива над 50 вработени од десетина држави. Тие се специјализираат за вадење на цивили од фронтот во последен момент, и забрзана воена обука.
Како што доаѓа летото се повеќе украински воени единици бараат да ја минат нивната обука. Бидејќи Украинците немаат да платат за тоа, групата останува зависна од мал број донатори, главно Евреи со украинско потекло од САД и тајкун од Тексас.
Проблем за организацијата е и кадарот што го ангажира кој во најголем дел е составен од окоравени воени ветерани со проблеми со ПТСД и алкохолизам. Како што објаснува Њујорк тајмс „кога не работеа, тие гравитираа кон киевските стриптиз клубови, барови и онлајн средби.“
Во септември Моцарт губат еден од најголемите финансиери, добротворната организација Елајд екстракт, која почнува да користи поевтини украински тимови за спасување на цивилите. До ноември Моцарт е толку многу е во финансиска криза што основачите се откажуваат од своите плати, кои изнесуваат неколку стоици долари на ден.
Тогаш Бејн му ги нуди своите 51% во компанијата на Милбурн по цена од 5 милиони долари. Милбурн ова го одбива со објаснување дека нема шанси да ги најде тие пари. Двајцата по ова престануваат да комуницираат меѓу себе.
На 11 декември Милбурн и неколку вработени на Моцарт одат во седиштето на компанијата во Киев за да подигнат зимска опрема, панцири и лични предмети што се чуваат таму. Кога чуварот не им дозволува да влезат, луѓето на Милбурн го соборуваат на земја, а тој насилно влегува и ја зема потребната опрема, за која тврди дека му треба за мисија во Донбас.
Кратко по ова на интернет се појавува клипот од Милбурн во кој тој го навредува и со погрдни зборови го опишува украинското раководство.
На 10 јануари Бејн ја поднесува тужбата против Милбурн, и на Фејсбук страницата на Моцарт која тој ја контролира почнува да ги објавува обвиненијата. Милбурн враќа на Линкдин страната на Моцарт која е под негова контрола.
Тајмс пишува дека луѓето со кои разговара му даваат поддршка на Милбурн и се надеваат дека тој ќе ги собере неопходните средства за да ги врати на работа и да ја продолжи мисијата на Моцарт.