Како што Хезболах низ годините губи значителни битки и луѓе благодарејќи на технолошката надмоќ што ја има Израел, така организацијата полека решава да тргне во друга насока и да користи што е можно помалку технологија во својата работа.
Со тек на време една од главните стратегии на Хезболах е во време на најнапредни смартфони и интернет комуникација, тие целосно да се префрлат на комуницирање преку пејџери, чија слаба страна е што имаат еднонасочна комуникација, ама па затоа не издаваат ни локација ни ништо.
„Ме прашувате каде се агентите? Ќе ви кажам дека телефонот во вашите раце, во рацете на сопругата, во рацете на вашите деца се агентите.
Закопајте го. Ставете го во железна кутија и заклучете го,“ порача во јавно обраќање од февруари, првиот човек на Хезболах, Хасан Насрала.
Пред воопшто Хезболах да почне со масовно користење пејџери, израелското разузнавање започнува со операција во која прво основа шел компанија која ќе се претставува како меѓународен производител на пејџери.
Фирмата е БАЦ Консалтинг од Унгарија, која има договор за производство на уредите во име на Голд аполо од Тајван. Според израелски разузнавачи кои ги пренесува Њујорк тајмс таа е творба на израелското разузнавање.
БАЦ има и регуларни муштерии за кои произведува неколку видови на обични пејџери, меѓутоа „единствениот важен клиент“ е Хезболах чии пејџери се разликуваат само по батеријата во која е вграден ПЕТН експлозивот.
Дел од пејџерите во мал број се испорачуваат во Либан во 2022, меѓутоа откако Насрала повикува на криење на мобилните производството се зголемува. Дел од стравот на Насрала се должи на дојавите што ги има дека Израел успеал да развие способност за упаѓање во телефони, активирање микрофони и камери.
Насрала забранил секакво присуство на мобилни телефони на состаноците на Хезболах и какво било споделување на планови и информации од организацијата преку мобилни. На сите офицери на Хезболах им било наредено да користат пејџери, а во случај на војна, пејџерите ќе се користат за на борците да им биде кажано каде да се движат.
Во текот на летово во Либан се зголемиле испораките на пејџери, тогаш во земјата пристигнуваат илјадници уреди кои биле поделени меѓу офицерите и сојузниците на организацијата.
Минатиот вторник била дадена наредба за активирање на пејџерите. Активирањето на експлозивот се прави со порака на арапски која звучи како да е од високото раководство на Хезболах.
Пејџерите низ Либан почнуваат да експлодираат, а земјата влегува во целосен хаос.
Меѓу загинатите има и цивили и деца.
Утредента додека се одвиваат погребите на загинатите од вторникот, започнува втор бран експлозии овој пат на токи-воки станиците на припадниците на Хезболах.
„За Либанците, вториот бран на експлозии беше потврда на лекцијата од претходниот ден: Тие сега живеат во свет во кој најчестите средства за комуникација можат да бидат претворени во инструменти за смрт,“ пишува Њујорк тајмс.