Не е важно колку ќе спискаш сè додека не те фати шефот

Како да заштедиш 125 милијарди долари и зошто не

Внатрешен извештај на американското министерство за одбрана покажува како можат да заштедат 125 милијарди долари на бирократски работи. Проблем со извештајот е што не дај боже Конгресот може да се фати за него и да крати буџет, па документот целосно исчезнува.

Целата "ревизија" е побарана од Пентагон за да видат како сопствената бирократија да ја направат поефикасна. Откако истражителите документираат далеку повеќе расфрлање со пари од очекуваното, функционерите веднаш се ангажираат за негово дискредитирање и потиснување на резултатите.

Во извештајот се наведува "јасна патека" за Пентагон како да заштеди 125 милијарди долари во рок од пет години. Планот не предвидува отпуштање ниту на цивилен, ниту на воен персонал, туку средување на бирократските процеси, кратење на скапите договори и подобро користење на информациските технологии.

Меѓу бројките што ги открива извештајот е дека вкупната бирократија на Пентагон вработува над 1 милион луѓе од кои 268.000 се надворешни соработници. За споредба, на овие милион луѓе што седат зад биро, Пентагон има вкупно 1,3 милиони активни војници.

Пентагон прилично сталожено ги примил бројките околу сопственото расфрлање, меѓутоа почнале да паничат затоа што ако извештајот стигне до Конгресот и Белата куќа, тие би можеле да одлучат да почнат да им кратат од буџетот. Па така извештајот кој беше објавен на сајтот на Пентагон беше тргнат, а на податоците во него е ставена безбедносна забрана "за никој да не може да ги реплицира резултатите".

6 декември 2016 - 12:14