Израелскиот удар ќе ја смени планетава

Израелскиот брутален придонес кон воената креативност со синхронизирано експлодирање на илјадници пејџери и токи-вокија предизвикува глобална вознемиреност каде е крајот и дали ваквите акции можат да доведат до истребување на поедини нации или религии. Што ако некоја служба процени дека некој треба да биде дигнат во воздух додека стои пред вас во ред во продавница?

Акциите на израелската разузнавачка служба, во кои експлозиви беа активирани од далечина во пејџери и токи-вокија е уште еден потег на израелските власти кој за кратко време ќе ја промени историјата на планетата, која моментално ја делат 3.000 -5.000 различни етнички групи, 5 раси и околу 4.500 религии.

Поимот „Internet of things“ штотуку доби ново, многу пошироко значење.

„Веќе не е прашање во што сè Мосад може да инсталира експлозив што може да се активира на далечина, туку дали работите што нè опкружуваат се направени да ни користат или да нè убијат?“, пишува Гојко Дрљача.

Успесите и креативноста на израелската војска и разузнавачка служба произлегуваат од долгата историска параноја на Евреите дека некој (Германци, Палестинци..) ќе ги истреби.

Но креативното зло раѓа креативно зло, за што примери дава историјата.

Аба Ковнер, под закрила на еврејската организација Нака, после Втората светска војна имал план А и план Б за Германците. Првиот план бил да се затруе водата во Нирнберг, Минхен, Хамбург и Франфурт за да се убијат 6 милиони Германци како одмазда за убиените 6 милиони Евреи. Не успеал затоа што не нашол начин да го достави отровот на одбраните локации.  Планот Б му бил да ги елиминира германските воени заробеници па во април 1946 година, 3.000 леба наменети за нив биле премачкани со арсен. Само што изгледа не ставиле доволно па заробените Германци само се разболеле.

Ова е само еден пример на агресивна осветољубивост која достигнува импресивна креативност откако припадници на еден народ трпеле ужасни злосторства. Истиот тој праведнички психолошки механизам кој го гонел Ковнер денес е фузиски реактор на одмаздата во срцата на илјадници млади Палестинци. Колкумина од нив денес коваат план А и план Б за Израел?

Но, не се само спомнатите електронски уреди во прашање туку целиот ланец на набавки. Што сè може да се направи со испораките на жито, додатоците на исхрана... денес сè може да се искористи како испорака на Тројански коњи на новото време. 

Само помислете колку Ајфони се произведуваат во Кина.

 

20 септември 2024 - 13:54