Израел тивко охрабрува напади врз христијаните

Израелски војник со токмак удира во статуа на Исус. Друг со булдожер урива статуа на Свети Ѓорѓи. Доселеник турка и клоца калуѓерка на улица во Ерусалим. Нападите врз христијани во Израел достигнаа критична ниво, но обично поминуваат неказнето како „изолирани инциденти“. Тоа уште повеќе охрабрува религиски екстремизам кон сите што не се од „избраниот народ“.

Неодамнешниот насилен и неиспровоциран напад врз француска калуѓерка во Ерусалим е ново сведоштво за зголемената омраза на Израелците кон христијанските заедници. На снимка од 28 април се гледа како маж со еврејска кипа турка калуѓерка и ја клоца додека лежи на улица. Напаѓачот е идентификуван како 36-годишен еврејски доселеник на окупираниот Западен Брег. Тој е приведен и обвинет е за напад мотивиран од непријателство кон религиозна група.

Франција, Шпанија и Италија најостро го осудија нападот. Израелското Министерство за надворешни работи го нарече „срамен чин во директна спротивност со вредностите на почит, коегзистенција и верска слобода врз кои е основан Израел“. Слични беа реакциите и по снимките на социјалните медиуми на кои се гледа како израелски војник со токмак удира во статуа на Исус, а друг со булдожер урива статуа на Свети Ѓорги, во рамките на операција во јужен Либан, чија цел е уништување на – Хезболах.

Насилството кон христијаните во Израел, сепак, во повеќето случаи останува неказнето. Властите ги третираат инциденти како изолирани акти, а не како симптоми на поширок проблем на религиозен екстремизам и неказнивост.

Вербалните и физичките напади врз христијаните, заедно со сквернавењето на црковните симболи и места, го уриваат деликатниот баланс меѓу религиозните заедници во Израел. Важноста на Светата земја за јудаизмот, христијанството и исламот е загрозен од пораст на еврејските националистички и екстремистички движења, особено во Стариот град на Ерусалим, каде што свештенството и верниците од повеќе вери живеат и практикуваат верски обреди едни покрај други. Христијаните претставуваат приближно 2% од вкупно 10,2 милиони жители на Израел, а 79% од христијаните се Арапи. 

Агресивните инциденти кон христијаните се зголемија по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Центарот за податоци за верска слобода (RFDC) во 2025 година регистрирал 181 инцидент – од плукања и навредувања до вандализам и физичко насилство. Во 2024 година имало 107 такви инциденти. Јисцах Харани, директорка на RFDC, забележува дека многу случаи на вознемирување против христијаните не се пријавуваат. Организацијата поднесува жалби до израелските власти, но за повеќето не добива одговор.

Ако нема гонење, тоа е пасивно охрабрување, дозвола да се направи делото повторно... Што чекаме? Убиство?, предупредува Харани.

Религиозните и секуларните организации ја префрлаат одговорноста врз коалициската влада на Израел, за која велат дека поттикнува религиозен национализам и чувство на неказнивост кај еврејските екстремисти. Тие, исто така, укажуваат на поширока клима на омраза, страв и поларизација што преовладува во земјата од почетокот на војната во Газа.

Месијанските погледи во одредени израелски кругови поттикнуваат агресија кон „другите“. Иако христијаните немаат никаква врска со Хамас или Хезболах, некои луѓе чувствуваат потреба да дејствуваат против сите што не се од нивниот народ, вели Џозеф Сиверс, професор на Папскиот библиски институт во Рим.

Христијаните имаат мала политичка моќ во Израел, но инцидентите уште повеќе ја изолираат земјата на меѓународен план. Членки на ЕУ го притискаа Брисел да го суспендира пактот за врските со Израел.

Анкета од 2025 година на Центарот Росинг во Израел покажа дека како што се зголемува нивото на религиозност кај испитаниците, така се зголемува и нивото на непријателство кон христијаните. Околу половина од испитаниците имале погрешни ставови за христијанските обичаи и верувања.

Верските лидери, групи на граѓанското општество и некои израелски политичари повикаа на посилно спроведување на законот, образовни иницијативи за борба против верската омраза и проширен меѓуверски ангажман за да се спречи растечкото непријателство.

Овие инциденти фрлаат морална дамка врз државата Израел и општеството. Како рабин во заедница на реформисти, се срамам од нив, изјави на сослушување пред Кнесетот израелскиот пратеник Гилад Карив.

3 јуни 2026 - 09:42