Службите добиле наредба од Нетанјаху за изработка на план за лов на лидерите на Хамас во Либан, Турција и Катар. Во главниот град на Катар со години се наоѓа главниот штаб на политичкото крило на Хамас.
И пред воопшто да се случи терористичкиот напад од 7 октомври, Израел со децении спроведува тајни операции за елиминирање на сите оние што Тел Авив ги смета за државни непријатели, без разлика дали тоа биле лидери на терористички групи или ирански нуклеарни научници.
Ова ќе биде втор обид на Нетанјаху да го убие лидерот на Хамас, Халид Мешал, откако во 1997 неговата наредба заврши со неуспешен обид за труење на лидерот во Јордан.
Неочекувано Нетанјаху на прес-конференција јавно го соопшти планот за елиминација на лидерите на Хамас, што потоа беше потврдено и од израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, кој порача дека лидерите на Хамас живеат на позајмено време. Израел обично овие операции ги држи во тајност, па дури и негира вклученост откако тие ќе бидат извршени. Со планот за егзекуција на раководството на Хамас, војната на Израел против палестинската организација поприма обем на војната на САД против ИСИС, во која редовно беа ловени терористичките лидери.
Вол стрит журнал пренесува дека израелскиот план за лов на лидерите на Хамас почнува да се разработува кратко по нападот од 7 октомври. Дел од израелските функционери сакале веднаш да го елиминираат Мешал и другите лидери на Хамас, посебно по видеото во кое раководството на организацијата го слават успехот на нивните борци во елиминирањето на израелски војници и цивили.
Тоа не се случило е бидејќи Израел до тогаш нема извршено операција во Катар, плус стравот дека каква било елиминација ќе биде на штета на израелските заложници и преговорите за нивно ослободување. Од 7 октомври Катар е централната локација за преговори за заложниците, а Доха помогна во ослободувањето на десетици израелски заложници во замена за палестински затвореници во Израел.
Според книгата „Rise and Kill First“ од израелскиот новинар Ронен Бергман, од крајот на Втората светска војна Израел има извршено над 2.700 операции за убивање на своите непријатели низ светот.