Израел истури 80 тони противбункерски бомби за да го убие Хасан Насрала

Бомбардирањето на локацијата во Бејрут е последниот чин од повеќегодишната операција на израелското разузнавање за продирање во целата мрежа на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

Во моментот кога со сигурност го лоцираат во подземниот команден центар во Бејрут, израелска војска исфрла 80 тони од специјални бомби направени за пробивање бункери.

Според информацијата што ја објавува Ројтерс, телото на Насрала било без рани, па претпоставката е дека тој умрел од ударниот бран од експлозијата на бомбите исфрлени на неговиот штаб.

Наводно израелското разузнавање веќе било свесно за сите движења на раководството на Хезболах, благодарејќи на повеќегодишна кампања на хакирање и следење на групата.

Израел во неколку наврати не успева да го убие Насрала за време на војната во 2006. Од тогаш почнуваат дедицирана операција за негово следење.

Најголем напредок се случува во 2012 кога борци на Хезболах се приклучуваат на страната на Башар ал Асад во војната во Сирија. За цело време на војната Хезболах постојано објавува информации за негови загинати војници заедно со лични податоци за загинатите. Израел ги собира сите овие податоци и ги обработува.

„Тие преминаа од крајно дисциплинирани, во некои кои, додека го бранеа Асад, дозволија да влезат многу повеќе луѓе отколку што требаше.

Лагодноста и ароганцијата беше придружена со промена во нивното членство, почнаа да стануваат опуштени,“ објаснуваат Карнеги центарот за Блискиот исток.

Напливот на нови податоци му дозволува на Израел да состави обемни профили за оперативците на Хезболах, вклучително и највисокото раководство кое се појавува на погребите на загинатите борци.

Стеснувајќи го кругот на мети, Израел почнува да хакира во нивните комуникациски уреди, а шпиони веќе можат да ги следат точните движења на оперативците на Хезболах, некогаш и преку мобилните на нивните сопруги.

За следењето на оперативци на Хезболах, Израел хакира и камери за надзор во Либан, па дури и ги чита километражите на нивните коли.

Од сето ова Израел со тек на време заклучува дека секој пат кога дневната рутина на групата почнува да се разликува, тогаш за кратко време претстои напад.

Во петокот се случува токму ова и израелскиот разузнавање доаѓа до информација дека Насрала е на пат кон неговиот „команден и контролен“ бункер.

Нетанјаху е во Њујорк за својот говор пред Обединетите нации. Од Њујорк го одобрува бомбардирањето и елиминацијата на Насрала.

 

30 септември 2024 - 11:45