Процената е дека Техеран и нему блиските имаат залиха од дронови и ракети која се брои во десетици илјади. Самите израелски воени офицери признаваат дека во случај на симултан напад од Иран, и неговите сојузници во Либан, Јемен, Сирија и Ирак, ПВО-то на Израел нема да биде толку успешно и веројатно повеќе ракети ќе ја минат одбраната.
Денешната ситуација на Израел наликува на успесите на Украина од 2023 кога земјата успеваше да ги пресретне речиси сите руски воздушни напади, кои беа извршени со оружје слично на она што Иран го употреби викендов. Меѓутоа последниве месеци се покажа дека Русија успеа да ја фати Украина на кондиција и да и ги испразни резервите со ПВО муниција, па минатата недела Украина успеа да запре смо две-третини од масовниот руски напад во кој беше уништена најголемата електрана на Киев.
„Зборовите не спречуваат дронови, ниту пресретнуваат ракети.
Само опиплива поддршка го прави тоа,“ изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски во осудата на иранскиот напад.
Фајненшл тајмс пишува дека токму „опипливата поддршка“ е една од главните работи земени предвид кога Израел разгледуваше како да одговори на израелскиот напад. Техеран порача дека ако Израел врати, неговиот одговор „ќе биде значително по суров“. Во исто време Британија, САД и Франција порачаа дека нема да го поддржат израелскиот удар на Техеран, и повикаа на воздржување имајќи ја предвид ограничената штета предизвикана од иранскиот напад.
Поранешниот британски министер за одбрана, Бен Волис, го опомена Израел дека „сојузништвата се двонасочни“ потсетувајќи го дека одби да и помогне на Украина по почетокот на војната и го отфрли барањето на Зеленски за испорака на Железна купола ПВО системот.
Одбраната на Израел успеа и заради вмешувањето на американски, британски и јордански воени авиони кои соборија повеќе дронови и ракети пред тие да стигнат до израелската граница, а самиот напад речиси и да беше најавен од Иран па имаше време да се подготви одбраната. Згора на ова, Израел искористи значителни ресурси во одбивање на баражот, наместо внимателно трошење на залихите на кое е присилена Украина по две години војна.
„Израел минатиот викенд се одбрани себе си под идеални услови за време на еднократен напад.
Вистинската опасност за Израел е дека неговата воздушна одбрана ќе стане премногу заситена за време на продолжена војна... односно ако се соочи со голем број воздушни напади, на кратки интервали, кои со тек на време ќе презаситат секаков тип на ПВО систем.
Дури и Израел порано или подоцна ќе ги испразни залихите и ќе се соочи со слични предизвици како Украина,“ објаснува Франц-Стефан Гади од Меѓународниот институт за стратешки студии.
За Израел посебно не излегува финансиската равенка на одбраната во која тој со десетици илјади долари скапи ракети соборува рудиментирани ракети направени во работилници како оние што ги користи Хамас.
На крајот без разлика на поголемата наклонетост на САД и Западот во одбрана и снабдување на Израел отколку на Украина, сепак и за Тел Авив важат истите ограничувања во обезбедувањето ракети и проектили: прво дека има глобален недостаток и второ дека нема доволни капацитети за нивно производство.