Иран: Кушнер и Виткоф лично профитираат од преговорите

Ирански функционери се пожалиле кај Венс дека Џаред Кушнер и Стив Виткоф ја злоупотребуваат позицијата на преговарачи. Наместо да работат за договор, тие собираат податоци за Мосад и повеќе се интересираат за инсајдерски информации од кои може лично да профитираат. Доколку се потврди, ова е еден од најзначајните финансиски скандали во модерната дипломатија.

Ирански функционери пресметале дека само лица блиски до Доналд Трамп заработиле 9 милијарди долари преку манипулации до преговорите. Во приватна порака до американскиот потпретседател Џ.Д. Венс побарале половина од таа сума да му биде исплатена на Техеран. Се заканиле дека дека ќе ги објават сите преписки и писмени докази.

Уште од почетокот на војната против Иран беше откриена шема на шпекулативни тргувања на берзите и вложувања големи суми пари на платформите за обложување пред секој пресврт на ставовите на Доналд Трамп. Сепак, досега нема конкретни обвиненија за инсајдерско тргување со информации што им се достапни само на најблиските соработници на претседателот. 

Иранските сомневања за двојната улога на специјалниот пратеник Стив Виткоф и за Џаред Кушнер, кој нема официјална функција освен што е зет на претседателот Трамп, почнале уште пред војната – на индиректните дипломатски разговори за иранската нуклеарна програма на 6 февруари во Оман и на 26 февруари во Швајцарија. Виткоф и Кушнер се појавиле без експерти за нуклеарни прашања и не биле запознаени со техничките аспекти на преговорите.

Уште во Оман ни стана сосема јасно дека Виткоф нема никаква врска со дипломатија ниту со унапредување на разговорите. Тој целосно погрешно ги претстави ставовите на Иран за низа прашања, вклучувајќи ги и условите што Техеран беше подготвен да им ги понуди на САД за судбината на збогатениот ураниум, изјави анонимен ирански функционер.

Виткоф го претстави обелоденувањето на иранските залихи на високо збогатен ураниум како „закана од нуклеарно оружје“.

Иранските преговарачи директно ни кажаа, без никакво чувство на срам, дека располагаат со 460 килограми ураниум збогатен до 60%, свесни се дека тоа е доволно за 11 нуклеарни бомби, и тоа беше почетна преговарачка позиција, изјави Виткоф за Фокс њуз на 3 март, четири дена откако САД и Израел му објавија војна на Иран.

Пред официјалните разговори во Исламабад во април, Иранците преку пакистанските посредници испратиле повеќе пораки до Трамп во кои го предупредуваат за „деструктивната улога“ на неговите емисари. Двајцата сепак останале во американскиот преговарачки тим.

На преговорите во Луцерн кон крајот на јуни, Иранците забележале дека нивното присуство ќе ги поткопа шансите за надградување на рамката од 17 јуни во траен мировен договор. Иранските преговарачи, исто така, изразиле загриженост поради протекувања на информации од Кушнер до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Американски функционер во меѓувреме изјави за Аксиос дека Виткоф и Кушнер разговараат речиси секој ден со Нетанјаху и со шефот на Мосад.

Жалбата, овој пат, била испратена до Венс. Посредниците ги убедиле дека потпретседателот има искрен интерес за постигнување траен договор и дека ги застапува долгорочните интереси на американската влада.

Иран не е наивен да верува дека Венс би ги поткопал ставовите на Трамп, но процени дека потпретседателот внесува поразумна, попрофесионална и пореална перспектива во преговорите, вели иранскиот извор.

Токму кога почнаа разговорите во Луцерн, Трамп директно им се закани на иранските преговарачи дека „нема да имаат каде да се вратат“ ако Иран повторно го затвори Ормускиот теснец. Иранската делегација демонстративно ги напушти преговорите.

Изјавите на Трамп за време на преговорите во Пакистан и Швајцарија очигледно имаа цел да ја поткопаат позицијата на Венс во разговорите. Тоа на крајот ја ослабе и неговата репутација кај посредниците, вели изворот на Drop Site.

Иднината на каков било договор меѓу Иран и САД е крајно неизвесна. На 10 јули Трамп го извести Конгресот дека САД ги обновиле борбените операции против Иран и јавно изјави дека примирјето е мртво, но остави можност за продолжување на преговорите. Во вторникот се закани дека по новите американски напади, во Иран нема да остане „никој жив“.

Од перспектива на Иран, тоа е позната шема на ред преговори, ред напади.

Се чини дека се решени да ги испробаат шансите за употреба на сила. Штом повторно претрпат воен неуспех, речиси сигурно ќе се вратат на преговарачката маса. Но, преговорите за нив дефинитивно нема да бидат толку едноставни како порано, вели иранскиот функционер.

16 јули 2026 - 14:09