Министерството ја прифатило иницијативата поттикната од Главниот штаб на Армијата во Андовер, кој во време на најголемите војни низ светот во изминатите 80 години се залага за олабавување на ограничувањата и за стандардизирање на изгледот на војниците, без оглед на нивниот пол.
Во анкета наменета и за женските и за машките војници, од нив се бара да одговорат на прашањата дали треба да им биде дозволено да не се кратко потстрижени, да носат шминка и да ги лакираат ноктите. Целта е да се воведе унифициран естетски кодекс за физичкиот изглед.
Според сегашните стандарди, жените во армијата можат да носат шминка, но таа треба да биде „ненаметлива“. Дозволени се „природни екстензии за трепки и лак за нокти, но не во светли бои“. Шминката е забранета за мажите. Тие мора да имаат кратка коса која „не допира до јаката или до ушите“.
Војниците биле прашани и дали политиките за коса и накит „треба да бидат исти за мажите, жените и небинарниот персонал“ - што практично значи дека и мажите би можеле да носат обетки.

Прегледот се темели на неодамнешните промени во воената политика на Британија. Во 2024 година, армијата ја поништи долгогодишната забрана за носење бради. Во 2019 година, тогашниот министер за одбрана Бен Волас предложи да им се дозволи на мажите да користат шминка во камуфлажна боја. Во 2017 година, упатствата бараат избегнување на специфични изрази што би оставиле впечаток дека војската е резервирана за мажи.
Надградбата од камуфлажни бои до маскара тешко дека би го одвратила Путин, коментираше министерот за одбрана во сенка, Марк Франсоа.
Портпаролот на армијата реагираше дека нема план за промени на естетските стандарди.
Ова не беше официјално истражување. Армијата е фокусирана на подобрување на нашата смртоносна способност и борбена готовност, изјави претставник на Армијата.
Извештајот е објавен токму на денот кога американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше премиерот Кир Стармер дека Британија не се потрудила многу за да им помогне на САД во војната против Иран и ја отфрли како задоцнета понудата да испрати носачи на авиони.
Обединетото Кралство, нашиот некогашен голем сојузник, можеби најголемиот од сите, конечно сериозно размислува за испраќање два носачи на авиони на Блискиот Исток. Во ред е, премиере Стармер, повеќе не ни се потребни - но ќе се сетиме. Не ни требаат луѓе што се приклучуваат во војни откако веќе сме победиле! напиша Трамп на својата социјална платформа.
Стармер збунето реагираше на војната што САД и Израел ја почнаа против Иран. Прво кажа дека нема да ја повтори грешката на поранешниот премиер Тони Блер, кој им се придружи на Американците во Заливската војна. Потоа не му дозволи на Трамп да ги користи британските воени бази за офанзивни дејства, на што претседателот на САД иронично забележа „Стармер не е Черчил“.
Конечно, Стармер испрати кон Персискиот Залив борбен брод и авиони „тајфун“, а на САД им дозволи да ги користат британските бази Ферфорд и Диего Гарсија за „специфични и ограничени одбранбени акции“ против ирански ракети.
Блер, пак, го критикуваше Стармер затоа што одбил да ја поддржи војната на „сојузникот што ѝ е неопходен на Британија“.
Требаше да ја поддржиме Америка од самиот почеток“... Ние зависиме од сојузот со САД. Тие не се само сојузник, тие се неопходен сојузник, нели? Нема прашање дали е „овој или оној“ претседател. Ако тие се ваш сојузник и се неопходен темел на вашата безбедност... подобро е да се појавите, порача Блер.