Романија и Бугарија влегоа во ЕУ во 2007-ма година со сериозни рестрикции околу тоа на кои работни места можат да се надеваат во Велика Британија.
Сепак, во тој период, четврт милион луѓе од двете земји влегле во Британија а 175.000 од нив имаат работни дозволи. Останатите се членови на нивните семејства. Најмногу влегле во 2011-та година, кога својот престој го легализирале над 40.000 граѓани од овие две земји на ЕУ.
Догодина рестрикциите се укинуваат а границите стануваат потполно пропусни па се очекува бројот на Бугари и Романци да достигне 425.000.
"Тоа е бројка која оваа земја едноставно не може да ја издржи," смета ториевскиот пратеник Филип Холобоун.
Освен за работните места, од Бугарите и Романците Англичаните се плашат и заради квалитетот на животот и квалитетот на постојните државни сервиси.
Минатата недела беше соопштено дека од 2007-ма, само во Лондон се уапсени 27,725 Романци иако нивниот вкупен број во земјата изнесува 87.000.
Сериозен притисок врз имигрантските служби прави и податокот дека во последно време земјата се соочува со голем недостаток на образовни капацитети. Се проценува дека Велика Британија се приближува до кусок од 100.000 места за ученици во основното образование.