После драми, апсења, бегање од затвор и слично, Ел Чапо моментално е на судење во САД, каде се тврди дека и наркобосот кој беше баран повеќе од 30 години има свој шеф.
На судењето во Њујорк, адвокатот на Ел Чапо порачува дека неговиот клиент е обвинет дека е лидер „додека вистинските лидери слободно и отворено живеат во Мексико“ алудирајќи на Мајо Замбада.
70-годишниот Замбада е партнер на Ел Чапо и за него се сомнева дека вистинскиот бос на картелот. Освен стандардните криминали, на Ел Мајо му се припишува дека му има платено мито од 6 милиони долари на мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието. Сличен муабет за поврзаност со Ел Мајо имаше и за претходникот на Нието, Фелипе Калдерон.
На страна тоа што го тврди одбраната, ваквиот став се брани и со нарко-статистиките според кои и покрај апсењето на Ел Чапо, моментално Синалоа картелот бележи раст на извозот на фентанил во САД.
Освен ова во првата половина од годинава бројот на убиства во Мексико расте за 16% и изнесува 15.973, наспроти 13.751 за истиот период во 2017. Најголемиот дел од растот се припишува на борбата меѓу останатите картели и Синалоа за контрола на патиштата за шверц на западниот брег на Мексико.
Дури и човекот од американската ДЕА кој го апси Ел Чапо, Џек Рајли, тврди дека нема сомнеж дека „Мајо е најмоќниот нарко-бос. Мислам дека го имаме потценето неговото влијание и моќ врз американскиот нарко пазар.“
Ел Мајо генерално повеќе се опишува како бизнисмен отколку како нарко-бос, притоа избегнувајќи го класичниот имиџ и борејќи се за што е можно повеќе дискреција. Тој е познат и по тоа што не убива цивили, за разлика од неговите колеги.