Германски ученици маршираат против регрутацијата

Десетици илјади германски ученици денеска ја бојкотираат наставата за да протестираат против новата владина политика за регрутација. Владата на канцеларот Мерц испрати прашалници до 206.000 млади дали прифаќаат воена служба. Пријавувањето е на доброволна основа, но ако не одговорат на прашалникот, се соочуваат со казна од 250 евра или може да бидат приведени.

Третиот национален „Штрајк на училиштата против регрутацијата“ симболично се поклопува со капитулацијата на нацистичка Германија во Втората светска војна. Мотото е „Никогаш повеќе фашизам - никогаш повеќе војна“. Организаторите објавија дека очекуваат повеќе ученици на улиците отколку на претходните протести во март и во декември, кога наставата ја бојкотирале повеќе од 50.000 луѓе.

Се бориме против регрутацијата како дел од воените подготовки на владата, која насочува стотици милијарди евра во вооружување, додека крати пари од образованието и социјалните услуги, наведуваат иницијаторите.

Доказ дека штрајкот има влијание врз властите се извештаите дека некои ученици активно вклучени во организацијата добиле закани од Канцеларијата за заштита на Уставот и од Федералната канцеларија за криминална полиција (BKA). Во Кил во средата агенти пресретнале двајца ученици на пат кон училиштето, а ученичка била „посетена“ од агенти на ВКА додека била на пракса.

Германија воведе регрутација за да го исполни планот да ги зголеми воените сили од сегашните 185.000 на 265.000 до 2035 година. Властите тврдат дека регрутацијата е на доброволна основа, но сите млади се обврзани да одговорат на прашалниците што им ги испраќа Министерството за одбрана. 

Момчињата на возраст од 18 години се должни да го пополнат прашалникот, а девојките може да одговорат само ако сакаат. Се бара да испратат податоци за своето здравје, физичката подготвеност и да одговорат, на скала од 1 до 10 дали имаат интерес доброволно да се пријават на обука во Бундесверот.

Министерот Борис Писториус изјави дека во текот на оваа година им биле испратени писма на 206.000 млади Германци, на кои одговориле 86% од младите. Според „Шпигел“, близу една половина од младите Германци изразиле „некаква форма на интерес“ за воена служба. Министерството, сепак, не е задоволно од одѕивот.

Оние што нема да одговорат во рок од четири недели ќе добијат потсетување. Ако повторно не одговорат, ќе се соочат со парична казна за „административен прекршок“, која според „Шпигел“ ќе биде поставена на 250 евра. Казни има и за наведување лажни информации.

Во екстремни случаи, оние кои постојано одбиваат да го пополнат прашалникот или да ја платат казната би можеле да бидат приведени.

8 мај 2026 - 10:15