Во разговор со германски новинари Далај Лама изјавува дека "премногу" бегалци побарале азил во Европа.
"Европа, на пример Германија, не може да стане арапска земја. Германија е Германија. Толку многу ги има (мисли на бегалците) што во пракса ова станува тешко," изјавил тибетанскиот духовен лидер, за Франкфуртер алегмајне цајтунг.
Вашингтон пост изјавата ја пренесува како "неочекувана симпатија кон размислување кое најде плодна почва меѓу националистичките групи."
"Од морална гледна точка исто така, мислам дека бегалците треба да бидат примени само привремено," изјавил Далај Лама, инаку и самиот бегалец кој по неуспешниот тибетански бунт за осамостојување од Кина, од 1959-та живее во Индија.
Сепак на микро-ниво, тој го пренесува од него очекуваното сожалување:
"Кога ќе погледнеме во лицето на секој еден бегалец, посебно на децата и жените, може да го почувствуваме нивното страдање. Целта треба да биде тие да се вратат и да помогнат во изградба на нивните земји."