Пратениците од десницата со години бараа пошироки овластувања за француските полицајци за да можат да ги одбранат сопствените животи во пресметки со криминалци и поефикасно да се справат со зголемената стапка на криминал. По жестока расправа, законот беше усвоен со 313 гласа наспроти 199 против во Националното собрание и сега треба да се произнесе и Сенатот.
Владата ја поддржа мерката, која во практика значи дека за полицаец на служба што ќе пука и убие осомничено лице ќе се претпоставува дека дејствувал во рамките на законот, освен ако нема цврсти докази за спротивното. По вакви инциденти нема да има автоматски суспензии на полицајците додека трае внатрешната истрага.
Бројот на случаи со жртви откако полицијата употребила огнено оружје во Франција е меѓу највисоките во Европа и е во пораст во изминатите години. Агенциите што го надгледуваат дејството на полицијата - IGPN и IGGN, регистрирале 69 лица убиени од страна на полициски или жандармериски службеници во 2024 година, во споредба со 49 во 2023 година и 50 во 2022 година.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез тврди дека новиот закон не води кон имунитет од одговорност и дека ќе придонесе за поголема заштита на полицајците кои работат во опасни услови.
Да запреме со фантазиите. Уште од првата минута, ако не се исполнети околностите, секој обвинител може да ја поништи оваа претпоставка, вели министерот.
Тој додаде дека во конечната верзија од текстот била отфрлена „пресумцијата на легитимна самоодбрана“ за припадниците на силите за безбедност. Дефиницијата сега е ублажена како „претпоставка дека дејствувале во рамките на законите“.
Критичарите велат дека законот ќе доведе до повеќе убиства и ќе им ја негира правдата на семејствата на жртвите.
Мари-Лор Жефри од Амнести Интернешнел изјави дека законот ќе ги забави истрагите за полициско насилство и дека товарот на докажување ќе падне врз семејствата на жртвите.
Други критичари укажуваат на искуствата од воведувањето на законот од 2017 година со кој беше проширено овластувањето на полицајците да користат огнено оружје кога немаат друга можност да запрат возило со осомничени лица. Тоа доведе до петкратно зголемување на бројот на жртви кога полицајци пукале во возила.