Фицо: САД ќе ѝ препродаваат руски гас на Европа

Словачкиот премиер Фицо го оцени како „идиотски“ планот на Европската Унија целосно да се откаже од увоз на нафта и гас од Русија. Тој тврди дека САД засилено инвестираат во енергетската инфраструктура во Европа, што ќе ги принуди европските земји повторно да купуваат руска нафта и гас, ама откако ќе поминат преку Американците, по многу повисоки цени. 

Во февруари Европската комисија ги потврди плановите за постепено укинување на увозот на фосилни горива од Русија до 2027 година. Словачка ја обжали одлуката, за која премиерот Роберт Фицо тврди дека е политичка и дека ќе ги загрози економијата и енергетската независност на членките на Европската Унија.

Говорејќи во Братислава еден ден откако се врати од посетата на Москва, Фицо рече дека Вашингтон пред една недела почнал инвестициска иницијатива од милијарди долари за изградба на гасовод во Централна и Источна Европа, која сè уште увезува руски гас преку Турски тек и неговата гранка - Балкански тек.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров претходно предупреди дека Вашингтон има цел да воспостави монопол врз сите меѓународни артерии за снабдување со енергија во обид да постигне глобална економска доминација.

Тоа ќе биде навистина забавно. Значи Русите ќе ги снабдуваат Американците со гас и нафта по стандардни цени, а Американците ќе ни ги продаваат со висока маржа. Дали сме веќе толку идиоти?, прашува Фицо.

Тој додаде дека наспроти забраната од Брисел, продажбата на руски течен природен гас во Европа се зголемува. Разликата е што Братислава е принудена да се откаже од увозот: „Ние не можеме, но Франција може да купува течен гас од Русија“.

Еврокомесарот за енергетика Ден Јоргенсен изјави дека Унијата нема да се откаже од забраната за руска енергија, наспроти кризата предизвикана од војната на САД и Израел против Иран и затворањето на Ормускиот проток преку кој Европа добиваше големи количества гас.

ЕУ нема да се откаже од целосното запирање на увозот на руски течен природен гас. Брисел ќе се потпира на залихи од САД и од другите партнери, изјави Јоргенсен.

Целта на словачката влада, според Фицо, е да ги диверзифицира опциите за снабдување за сите горива.

Според одлуката на Европската Унија, увозот на гас ќе заврши во 2027 година. Поднесовме жалба. Дали надлежниот суд ќе одлучи до 2027 година, не знам, но нашиот официјален став е да ги диверзифицираме опциите за снабдување за сите горива. Ајде да ја задржиме и можноста отворена кога станува збор за руската нафта и рускиот гас, изјави Фицо.

11 мај 2026 - 12:43