Целта на симулацијата „Следната светска војна“ одржана во понеделникот била да прикаже до каде би можела да стигне ескалација на војната во Украина. Била организирана од Институтот „Брукс“ и Фондацијата „Рокфелер“, а присуствувале членови на американскиот Конгрес, поранешни офицери од војската и разузнавачките служби, дипломати и избрани новинари.
Фиктивното сценарио се одвива во 2028 година. Додека војната во Украина сè уште трае, без јасен победник, Русија се обидува да ја дестабилизира Европа преку напад врз Молдавија. Во еден момент, руско беспилотно летало погодува складиште за гориво во Романија, која е членка на НАТО, при што гинат цивили.
Деталите од симулацијата се доверливи, но новинарот Дејвид Игнејшс, колумнист на Вашингтон пост, пишува дека реакцијата на САД била загрижувачки блага. Американските лидери процениле дека јавноста не би поддржала силен воен одговор. Без решителна реакција од Вашингтон, европските држави останале поделени и неусогласени. Со тоа била доведена во прашање суштината на Членот 5 од НАТО, според кој напад врз една земја-членка се смета за напад врз сите.
Симулацијата покажува до кој степен се урива безбедносната рамка што со децении ги поврзуваше САД и Европа, пишува новинарот.
Ваквото сценарио не е фантастично. Анализа на американската компанија за стратешко советување TD International укажува дека во изминатите шест месеци руските хибридни активности во Европа станале „поамбициозни и поопасни“. Регистрирани се 63 инциденти за кои е осомничена Русија, иако без јасни докази, вклучувајќи 43 надлетувања на беспилотни летала, 6 извршени или планирани саботажи, 6 кибернетски напади и 5 активности на море.
Војната во Украина влезе во нова фаза. На фронтот речиси и да нема поместувања, но Русија ги ракетира украинските градови и врши притисок врз европските земји што му помагаат на Киев. Украина возвраќа со напади врз руската инфраструктура, а нејзините европски сојузници бараат начини како да ѝ обезбедат поголема воена помош.
САД, по неколкумесечно затишје, се обидоа да го заживеат мировниот процес. Москва во изминатата недела ја посетија посредникот Стив Виткоф и шефот на ЦИА, Џон Ретклиф, но не постигнаа конкретни резултати.
Најголемата опасност не е само во тоа што САД можеби нема да успеат да го одвратат Путин од понатамошни напади. Проблемот е што европските нации, чувствувајќи се напуштени и ранливи, може самостојно да почнат да преземаат сè порадикални мерки. Таков развој на настаните би можел да ја претвори војната во Украина во многу поголем конфликт, кој никој не би можел лесно да го контролира, заклучува колумнистот на Вашингтон пост.