Женева минатата година се соочи со најголемиот предизвик во последните неколку децении, откако администрацијата на Трамп го замрзна поголемиот дел од американската помош за странство, ги повлече САД од Светската здравствена организација и го запре финансирањето на неколку тела на Обединетите нации. Многу други земји тргнаа во таа насока, префрлајќи пари од меѓународните институции кон зајакнување на националната одбрана.
Ова ги принуди агенциите да укинуваат работни места и да бараат поевтини локации од Женева, која е главен центар на ОН надвор од Њујорк, а воедно е и еден од најскапите градови за живот во светот.
Светската бирократија во Женева генерира економска активност од околу 4 милијарди швајцарски франци годишно. Градот на истоименото езеро е дом на близу 450 меѓународни и невладини организации, како и на постојани мисии на 185 земји.

Швајцарските власти велат дека над 20 земји се обидуваат да ја искористат финансиската нестабилност на мултилатералниот систем за да ги зајакнат сопствените амбиции да станат дипломатски центри.
Острото намалување на финансиската поддршка во 2025 година отвори реална можност за многу конкуренти, особено во Европа, изјави Беатрис Ферари, директорка за меѓународни прашања во кантонот Женева.
СЗО предложи одредени функции од своето седиште да бидат префрлени во Лион. УНИЦЕФ преместува стотици работни места во Рим и други градови со пониски трошоци, а Меѓународната организација на трудот најави дека ќе премести дел од персоналот и функциите во својот центар за обука во Торино.
Шпанија сака Валенсија да стане меѓународен центар за дигитализација и податоци. Франција го нуди Лион како јазол за меѓународно управување во здравството и го нуди Париз како центар на глобалното образование. Германија го промовира Бон како центар на институции за животна средина во Бон, додека Виена се стреми да го прошири своето присуство како општа филијала на ОН.
Најсилен конкурент од земјите од Персискиот Залив е Катар, кој настојува да се наметне како дипломатски посредник со глобално влијание. Доха имаше важна улога во мировниот процес за Газа и е дипломатски активна за во крај на војната во Иран.

Берн возврати со еден од најголемите пакети за поддршка на швајцарските домаќини на меѓународните институции. Федералната влада во јуни одобри 269 милиони франци за проектот „Меѓународна Женева“. Пакетот вклучува итно финансирање за осиромашените агенции, инвестиции во конференциска и дигитална инфраструктура, бескаматен заем од 78 милиони франци за реновирање на згради и поддршка за воведување вештачка интелигенција и други нови технологии.
Кантонот Женева и Фондацијата Ханс Вилсдорф, која го контролира Ролекс, создадоа фонд од 50 милиони швајцарски франци за поддршка на „Меѓународна Женева“ во следните пет години. Кантонот најави дека ќе потроши 10 милиони франци за невладини организации, а градот одвои дополнителни 2 милиони франци.
Високата концентрација на институции значи дека Женева сè уште нуди најсилен и најуникатен меѓународен екосистем, вели Винсент Субилија, пратеник и директор на локалната трговска комора.
Швајцарските власти додаваат дека Кина во изминатата година го засилила својот ангажман во мултилатералните институции на Женева, гледајќи можност да ја пополни празнината што ја оставаат САД, а уште шест нови земји отвориле свои постојани мисии.