Премиерките на Данска и на Италија ја повикаа Европската комисија да не чека стотици илјади бегалци да ѝ пристигнат на порти, туку итно да одобри 458 милиони евра како хуманитарна помош и поддршка на раселените луѓе на Блискиот Исток.
Пакетот, според Мете Фредериксен и Џорџа Мелони, ќе ги обесхрабри мигрантите и ќе ги задржи подалеку од европските граници. Тие побараа од Брисел да воведе и построги мерки за зајакнување на границите и за ограничување на приемот на бегалци.
Тековниот конфликт на Блискиот Исток е сè позагрижувачки и се шири во регион кој веќе е домаќин на голем број раселени лица. Не можеме да ризикуваме повторување на бегалските и миграциските текови кон ЕУ како во 2015 и 2016 година. Ова не само што би била хуманитарна катастрофа за луѓето, туку ќе биде закана за безбедноста и кохезијата на нашата Унија, напишаа премиерките во заедничко писмо до Комисијата.
Европската Унија од јуни треба да почне да го спроведува договорениот Заеднички европски систем за азил (CEAS). Новите правила вклучуваат порамномерна распределба на барателите на азил и забрзани процедури на надворешните граници.

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) минатата недела предупреди на „загрижувачка ескалација на хуманитарните потреби“ за новиот бран бегалци поради конфликтите на Блискиот Исток. УНХЦР проценува дека над три милиони луѓе се привремено раселени во Иран откако на 28 февруари почнаа бомбардирањата од САД и од Израел. Најмногу луѓе побегнале од Техеран и од северните градови.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН изјави дека во изминатата недела повеќе од 660.000 луѓе се регистрирани како раселени лица во Либан, особено од јужните делови во кои Израел бомбардира цели на Хезболах и со летоци ги предупредува жителите да ги напуштат населбите што се „воена зона“. Раселени се и жители на места од долината Бека и од јужните предградија на Бејрут.
Студија од 2024 година на Фондацијата Роквул Берлин, врз основа на анкета на Галуп спроведена врз 1.007 Иранци, укажува дека Германија би била примарна дестинација за потенцијални мигранти од Иран, по што следат Канада, Турција, Британија и Франција. Студијата покажа дека развиените мрежи во дијаспората имаат клучна улога во одлуките за миграција, бидејќи ги намалува трошоците за престој и ја олеснува интеграцијата.
Германија е нов дом на 319.000 Иранци, една од најголемите ирански заедници во светот надвор од нивната земја. Во периодот од јануари до ноември 2025 година, во Германија пристигнале околу 13.500 имигранти од Иран. Од 11.626 барања за азил, одобрени се 22,8%.