Блокот партии на чело со германските конзервативци, од кои потекнува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, објаснува дека усвојувањето на иницијативата Chat Control 1.0 е ургентно заради заштита на децата. Мерката би им дозволила на платформите на доброволна основа да скенираат содржини и да изолираат и да пријавуваат материјал што би можел да претставува злоупотреба.
До април преодна регулатива им дозволуваше на провајдери како Мета и Гугл доброволно да пребаруваат приватни комуникации што потенцијално се поврзани со сексуално насилство врз деца, дури и ако нема никакви конкретни сомневања. Откако Парламентот и земјите-членки не успеаја да постигнат договор за мерката, Европскиот парламент го отфрли нејзиното продолжување.
Кратко пред летната пауза, претседателката на парламентот Роберта Мецола го врати прашањето на дневен ред. Бидејќи документот сега е во второ читање, продолжувањето на преодните аранжмани сега тешко може да се спречи, бидејќи за отфрлање е потребно апсолутно мнозинство од сите европратеници.
Европратениците Сибиле Берг и Мартин Зонеборн оценија дека Мецола го прекршува деловникот, бидејќи мерки што се во второ читање мора да се достават до надлежниот комитет.
Итната постапка ги лишува европратениците од времето што им следува според договорите на ЕУ за да го обезбедат потребното апсолутно мнозинство, велат пратениците.
Од почетокот на јули, Европската народна партија интензивно води кампања за продолжување на преодните аранжмани. Блокот центристички партии предупредува дека откако регулативата истече на 3 април, оставена е „значителна правна празнина во заштитата на децата од онлајн сексуална злоупотреба“.
Преку пријави од платформите беа покренувани 80% од истрагите. Сега платформите не можат да реагираат, тврди ЕПП.
Ова го отфрла Патрик Брејер, активист за граѓански права и поранешен пратеник во Европскиот парламент од Пиратската партија. Тој објаснува дека германската влада не е забележала впечатливо намалување на пријавите откако истече регулативата. Според официјални податоци од ЕУ, повеќе од 60% од извештаите за сомнителни активности потекнуваат од скенирање јавни објави и складирања во „облак“ - области што дури и не се опфатени со преодната регулатива. Брејер тврди дека итната постапка го ограничува демократскиот процес во Европскиот парламент.
Гласањето е закажано за денеска.
Паралелно, Парламентот, Советот и Комисијата на ЕУ преговараат за нова трајна регулатива - Chat Monitoring 2.0. Преговорите се во застој бидејќи неколку земји-членки се држат до своите тековни практики на доброволно скенирање. Парламентот се залага за целни мерки против осомничените, наместо за неселективни масовни скенирања на приватни комуникации.