Последните пребројувања на Економист покажуваат дека Трамп има 54% шанси да се врати во Белата куќа, што е за 6% повеќе отколку во минатата недела. Во исто време Камала е падната на 45%.
Процената на Економист е дека сега на Трамп му се случува истиот подем на анкетите што Камала го имаше на почетокот од својата кампања кога претходно незадоволните гласачи од Бајден одлучија да се поредат зад Камала.
„Сега Трамп има корист од слична партиска консолидација, откако републиканските гласачи одлучија 'да си дојдат дома' кај партискиот кандидат,“ пишува Економист.
Тие и понатаму сметаат дека Камала има 74% шанси да го освои мнозинството од гласовите на изборите, но и покрај тоа на Трамп му даваат поголеми шанси да стигне до Белата куќа заради предноста што ја има кај електорските гласови.
Од Економист ги отфрлаат тврдењата дека бројките на Трамп се резултат на манипулирани анкети, бидејќи тој покажува добри резултати и кај анкетари кои вообичаено објавуваат добри бројки за демократите.
Слично како и во 2016 и 2020, кандидатот на Демократите на овие избори има послаби резултати во неодлучните сојузни држави отколку на национално ниво. Иако се речиси еднакви во Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин, Трамп води речиси со 2 поена разлика во Аризона и Џорџија.
Ако остане вака, тоа значи дека Харис ќе треба да победи со 2,5% кај обичните гласови, за да ги осигура и гласовите од електорите. Во август и требаа само 1,8.
Гласањето е на 5 ноември.