Денес Џорџ Клуни најјавно што може се откажа од Бајден објавувајќи колумна во Њујорк тајмс под наслов „Го сакам Бајден, ама ни треба нов кандидат.“
„Разочарувачки е да се каже, меѓутоа Џо Бајден со кого бев пред три недели на вечерата не е Џо ‘Голема работа’ Бајден од 2010. Тој не е ни истиот Џо Бајден од 2020. Тој беше истиот човек што сите ние го видовме на дебатата.
Дали беше уморен? Да. Дали беше настинат? Можеби. Меѓутоа лидерите на нашата партија мора да престанат да ни кажуваат нам, на 51 милион луѓе, дека не го видовме она што го видовме,“ пишува Клуни во колумната за Тајмс.
Тој посочува дека целата работа и целиот проблем е само околу возраста на Бајден и ништо повеќе. Меѓутоа тоа исто така не е нешто што може да се врати назад.
„Ние нема да победиме во ноември со овој претседател. Згора на тоа, нема да победиме во Претставничкиот дом, и ќе го изгубиме Сенатот. Ова не е само мое мислење; ова е мислењето на секој сенатор и конгресмен и гувернер со кого имам приватно зборувано. Секој еден, без разлика што тој или таа јавно кажуваат,“ пишува Клуни.
Тој смета дека највисоките партиски функционери како Шумер, Џефрис и Пелоси, кои ризикуваат да изгубат во ноември треба да побараат од Бајден доброволно да се откаже од кандидатурата.
Признавајќи дека целата работа ќе биде комплицирана за демократите дури и Бајден веднаш да се откаже од трката, и дека во тој случај нема да имаат кандидат во Охајо, Клуни текстот го завршува со пораката:
„Џо Бајден е херој; тој ја спаси демократијата во 2020. Ни треба тоа да го направи повторно во 2024.“