Со електорите од Пенсилванија, Бајден ја достигна бројката од 284, надминувајќи ја границата од 270 електори неопходни за влегување во Белата куќа.
Бајден ќе биде 46-от претседател на САД, а неговата заменичка Камала Харис ќе биде првата жена потпретседателка на САД. Камала е 4-та жена што се нашла на изборното ливче на една од двете главни партии во САД и единствена што била успешна.
Победата во Пенсилванија е со разлика од над 30.000 гласови кои со себе носат 20 електорски гласови. Дел од медиумите, како Си-ен-ен, се уште ја немаат прогласено Аризона во корист на Бајден заради што по нивна математика Бајден има само 273 електорски гласови, меѓутоа и тоа е доволно за победа на изборите.
Трамп одби да го признае поразот порачувајќи:
„Сите знаеме зошто на Џо Бајден му се брза да се претстави како победник, и зошто сите негови медиумски сојузници толку напорно се трудат да му помогнат: тие не сакаат вистината да биде откриена. Факт е дека овие избори се далеку од готови.
Од понеделник нашата кампања ќе почне да го тера нашиот случај пред судовите за да се осигури дека изборните закони се целосно спроведени и дека правилниот победник седи во Белата куќа.“
Инаку никаде не се бара Трамп да го признае поразот, што се смета чисто за коректен гест и за обележје на мирољубив трансфер на моќта.
И покрај победата, гласовите во неколку сојузни држави ќе продолжат да бидат пребројувани, меѓутоа во моментов не постојат никакви шанси Трамп да се врати во претседателската трка.