Душманот на Израел

Сегашниот лидер на Хамас, Халед Машал (со непоправлива желба да ја уништи еврејската држава), е истиот човек чиј живот во 1997-ма во последните мигови беше спасен од (тогашниот и сегашен) израелски премиер Бенjамин Нетанјаху. Ова се случи само неколку дена откако Машал беше врзан на машини за одржување во живот, по атентатот извршен по наредба токму на Нетанјаху.

Агентот на Мосад успева на сред улица во Аман, Јордан, да прсне отров во увото на Машал, по што Палестинецот завршува во болница, а израелскиот агент е уапсен.

Додека Машал лежи на посмртна постела, единствен негов спас е противотровот кој може да му го обезбеди само израелскиот премиер. Во тој момент јорданскиот крал Хусеин јавно порачува дека ако Израел не даде противотров, агентот на Мосад ќе заврши на судење, што веројатно ќе резултира со смртна казна. Очаен да избегне меѓународна криза, и под притисок на Бил Клинтон, израелскиот лидер се согласува на барањата, па дури патува во Аман за да му се извини на јорданскиот крал.

По ова Машал закрепнува и добива статус на "жив маченик."

18 години подоцна, Машал како политички лидер на Хамас е главниот непријател на Нетанјаху, а истовремено и човек со кој израелскиот премиер мора да преговара за мир во Газа.

Машал е на сите можни листи на терористи на САД и Израел, а во 97-ма атентатот врз него беше нарачан откако тој организираше терористички напад на пазар во Ерусалим во кој загинаа 16 а 169 лица беа ранети.

Во медиумската битка, Израел го претставува Машал како "лимузина терорист" кој постојано спие во хотели со 5 ѕвезди низ земјите на Заливот, додека ги остава неговите сограѓани да плаќаат заради терористичките напади. На 20-ти јули, две телевизии од Газа емитуваа клип од едно јавно обраќање на Машал: "Во името на Алах најдарежливиот и најсочуствителниот, сакам да почнам со благодарност до одличниот персонал во кујната на мојот хотел," за потоа да изјави дека неговата соба во хотелот чинела колку "болница и три тунели во Газа." Според Ерусалим пост, израелски оперативци ја хакнале телевизиската мрежа и го емитувале видеото на кое било монтирано лажно аудио.

Оцрнувањето на Машал е по основа на неговото детство, бидејќи тој речиси и да не минал ниту ден на палестинските територии откако неговото семејство го напуштило Западниот Брег во 1967-ма. Од тогаш тој живее во Кувајт (тука на 15 години се зачленува во Муслиманското братство), од каде што се сели во Јордан (тука ја води филијалата на Хамас во земјата), па во Сирија, за во јануари 2012-та да избега од граѓанската војна и да се пресели во Катар. Посетата на Газа во 2012-та, е првата и до сега негова единствена регистрирана посета на окупираната палестинска територија.

Сепак сето ова не е ни приближно доволно за да се сруши репутацијата на Машал како човек на кој израелскиот премиер му го дал "второ роденден." Минатата година, Ал Џезира го емитуваше документарецот "Kill Him Silently," во кој се раскажува целата случка.

Машал доаѓа на чело на Хамас во 2004-та, откако Израелците со ракетен напад го убиваат неговиот претходник, Абдел Азиз ал Рантиси (инаку ослободен од израелски затвор во 1997-ма како дел од искупувањето за атентатот врз Машал). Од тогаш Машал неочекувано добро се снаоѓа на позицијата, плус се дистанцира и го стишува користењето на термини како Зионизам и Евреи желни за војна, а на Евреите им понуди долгорочно примирје, во замена за повлекување на Израел на границите од 1967-ма и правото на враќање на палестинските бегалци.

Според извештај на израелскиот Канал 2, Министерот за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман, верува дека сепак треба да се изврши антенат на Машал во Катар (нешто слично како што агенти на Мосад го задавија воениот лидер на Хамас во хотел во Дубаи во март 2010-та).

Пред неколку години, Ал Џезира го праша поранешниот шеф на Мосад, Дени Јатом, кој беше надлежен за првичниот атентат на Машал, дали Израел може пак да се обиде да го убие лидерот на Хамас. Тој одговори: "Терористите мора да разберат дека секој еден што ќе врши терор нема да може да ужива во имунитет."