„Со цел Америка повторно да биде голема и величествена, вечерва ја објавувам мојата кандидатура за претседател на Соединетите држави.
Па од денес се до денот на изборите во 2024... ќе се борам како што никој претходно се нема борено. Ќе ги поразиме радикално левите демократи кои се обидуваат од внатре да ни ја уништат државата,“ порачал Доналд Трамп на обраќањето пред насобраните во Мар-а-Лаго.
Во говорот тој ги хвалоспева неговите „кратки четири години во кои на сите одлично им оди“ и го напаѓа Бајден дека заспал додека Русија го нападнала НАТО.
За крај Трамп порачува „Ова не е само кампања. Ова е потрага по спас за нашата држава.“
Објавата на кандидатура на Трамп требаше да биде далеку попобедничка и да се „вози“ на „црвениот бран“ на меѓуизборите од претходната недела на кои се очекуваше републиканско мнозинство во Конгресот (и Сенат и Претставнички дом). И покрај тоа што не им успеа да го освојат Сенатот, во добар дел заради пораз на некои клучни Републиканци поддржани од Трамп, тој во говорот во Мар-а-Лаго се пофали дека изборите ги завршил со 232 победи и 22 порази на неговите кандидати (на изборите се гласаше и за претставничките домови на сојузните држави“.
На објавата на новата кандидатура присуствуваа Иванка Трамп (која објави дека нема да се ангажира во политика), нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, стратегот и пријател на Трамп, Роџер Стоун, Ерик и Барон Трамп и сопругата Меланија.
Запрашан од новинарите во Бали дали има коментар околу говорот на Трамп, Бајден изјавил „не, не баш.“
Без разлика што е поранешен претседател, сега Трамп прво ќе треба да ги мине партиските избори кај републиканците, против кои и да се претседателски кандидати што ќе се појават, па потоа во ноември 2024 да оди на избори против Бајден или некој друг кандидат на демократите.