Кога го соборија рускиот воен авион ангажиран околу офанзивата во Сирија, Турција се надеваше дека ќе успее да ги поремети плановите на Москва и динамиката на нејзиниот ангажман на теренот. Наместо тоа, го смести Путин на управувачкото место за цртање нови граници на Блискиот исток, вклучувајќи ги и турските, пишува Њусвик.
"Знаеме што треба да направиме," загадочно тогаш порача Путин.
Денес тоа го испорачува.
Дел од неговата одмазда е јакнење на врските со курдските групи во Турција, Ирак и Сирија. Со почести го примија во Москва лидерот на турските Курди, сириските Курди пак, отворија свое претставништво во Русија а руската дипломатија редовно ги застапува курдските позиции на женевските мировни разговори.
Поддршката не е само дипломатска и ПР-овска: Сергеј Лавров во јануари обелодени дека доставуваат оружје за Курдите во Ирак а тоа се прави и за сириските Курди, за да можат да им се спротивстават на Исис.
Овие потези го вклучија алармот во Аннкара. Со право, бидејќи групите во Ирак и Сирија се само "задгранични комитети" на Курдската работничка и нејзината (ПКК) борба за самоопределување што на турската држава ѝ е повеќедецениски кошмар. А ПКК во меѓувреме го прекина повеќегодишното примирје и пак почна со прогласување 'самоуправа'.
ПКК има сличен истоrијат како албанската УЧК. Додека беа со маркистичко-ленинистички происход беа екскомуницирани од Западот и прогласувани за терористи. Пота малку се ребрендираа па се сфати дека нивната ефикасност на теренот и секуларниот национализам може да биде добар контрапункт на Исис.
Заебот е: со вака активна Русија во регионот, на Курдите не им треба Западот. Во ваква констелација, интересите на Русите и на Курдите природно конвергираат. Првите за да ја продолжат војната со Исис, да ја казнат Турција и да го задржат влијанието во Сирија. Вториве пак, за да си ја тераат националната кауза.
А тоа сојузништво не е ново и влече корени уште од времето на Катерина Велика. Подоцна болшевиците дозволуваат формирање на 'Црвен Курдистан' а Сталин оди чекор понатаму па го помага создавањето на 'Република Махабад', во северен Иран.
Денес на Курдите им изгледа дека повторно се блиску до конечно остварување на нивната историска цел. Создавањето на нивната држава е сепак невозможно без надворешен патрон. САД тоа не може да биде затоа што Турција ѝ е важна. Ама Путин нема ништо против.