
Како што објаснува Џон Еванс за TechDirt, не се работи за помошта во случај на природни катастрофи која е клучна за спасување на голем број животи, ниту пак за медицинските кризи како ХИВ-от и маларијата во Африка, туку се работи за помошта во развој.
"Пресметајте. Се проценува дека 2,4 милијарди луѓе денес живеат со помалку од 2 долара на ден. Ако едноставно директно ним им ги испратиме парите од помошта тогаш семејство од 6 луѓе годишно ќе добие 300 долари повеќе отколку сега - огромна разлика, во зависност од тоа колку се сиромашни. Тогаш зошто да не го направиме ова? Ако опциите се директен трансфер на пари и помош во денешната форма, тогаш втората опција во основа претставува одземање на парите од оние на кои им е најмногу потребна и нивно делење меѓу луѓето кои работат во оваа индустрија," пишува Еванс.
Аргументот против ваквото делење пари е што луѓето кои ги даваат парите, не веруваат дека сиромашните ќе знаат како да ги потрошат.
Наспроти ова е студијата од МИТ за западна Кенија, која покажува дека ваквите трансфери: ја намалуваат гладта, не го зголемуваат трошењето на алкохол и тутун, ја зголемуваат психолошката благосостојба на оние кои ја добиле помошта, го намалуваат домашното насилство, ги зголемуваат инвестициите и приходите од сточарство и мали бизниси.
Како примери тој ги наведува бразилската Bolsa Familia, програма за помош со директна исплата на кеш која опфаќа околу 46 милиони луѓе. Тука е и Индија која годинава ја започна својата директ-трансфер програма кој е поврзана со системот за биометриска идентификација Unique ID, за која веќе се регистрирани стотици милиони луѓе.