Во врска со атентатите што се случија на руска територија, Буданов изјавува:
„Ние веќе успешно таргетиравме повеќе луѓе. Имаше и доста публикувани случаи за кои сите знаат благодарејќи на медиумите,“ одговорил Буданов на прашањето дали украинските безбедносни структури убиле руски пропагандист.
Меѓу про-воените руски јавни личности кои беа убиени од почетокот на војната се 40-годишниот воен блогер и верен следбеник на Евгениј Пригожин, Владен Татарски, на кој му беше подметнат експлозив во наградата која му беше дадена во кафуле во Санкт Петерсбург. Неколку месеци претходно, од бомба подметната во автомобил најверојатно поставена за нејзиниот татко беше убиена Дарија Дугина, ќерката на Александар Дугин. Последен е случајот со нападот и ранувањето на Захар Прилепин, писателот кој повика на масовно убивање Украинци.
Според Буданов и нападот со дрон во Кремљ кој наводно имал за цел да го убие Путин, се случил „заради руската агресија“.
Зборувајќи за Јутјуб каналот Дифрент пипл, Буданов изјавил дека последните саботажи кои се случуваат на руска територија, се речиси 100% изведени од државјани на Руската федерација.
Во сосема друго интервју тој признава дека има „малцинство Руси“ кои соработуваат со неговата разузнавачка агенција, ГУР, и кои се мотивирани од „патриотски причини“ и се „подготвени да ја сменат Русија“.
Запрашан за Путин, Буданов изјавил дека иако тој е легитимна мета, сепак неговите луѓе не работат на негово убиство, но затоа ќе продолжат да ги таргетираат сите Руси кои извршиле воени злосторства против Украина.
Неговите процени се дека руските бизнис елити се против војната бидејќи заради нејзе имаат изгубено милијарди долари, па бараат начин како таа да се заврши.
За 37-годишниот Буданов крајната цел на Украина треба да е воспоставување на 100 километри длабока демилитаризирана зона во Русија, како земјата би се одвратила од напади во иднина. И ова треба да остане цел дури и самите Руси да успеат да го соборат Путин.