На северот од Украина од тешко стана потешко

Рускиот упад на североистокот од земјата и неочекувано успешното напредување дополнително ги растегна и истенчи украинските редови кои имаат минимални резерви на луѓе и оружје, алармира првиот човек на украинското воено разузнавање Кирило Буданов.

Руската војска минатата недела упаѓа преку украинската граница на североистокот од земјата отворајќи нова линија на напад на Харков, вториот по големина град во Украина, и по пат до сега има освоено најмалку девет населби и села.

„Ситуацијата е на работ, со секој изминат час ситуацијата се движи кон критична, порачал Буданов во видео разговор од Харков.

На сличен став се и други украински офицери кои сметаат дека воените шанси на земјата почнуваат да бледеат. Освен војската, проблем за Украинците е и воената помош од САД која иако беше одобрена пред три седмици едвај почнала да доаѓа.

Слично на останатите воени експерти и функционери и Буданов смета дека руските напади на североистокот се со цел да се разретчат и онака тенките украински линии и резерви, и да се спречи нивно префрлање на други фронтови. Се верува дека главна намера е слабеење на украинските линии во Часив Јар, кој пак е клучен украински град за контрола на она што остана под власт на Киев во југоисточен Донбас.

„Сите наши сили се или тука или во Часив Јар. Искористив сè што имаме. За жал, немаме веќе никого во резерва,“ порачал Буданов.

Негова процена е дека Украинците ќе успеат да ги средат своите линии и да го стабилизираат фронтот во следните неколку дена, но очекува уште руски напади на север од Харков, во регионот на Суми.

Русите на северот стигнаа и до Вовчанск град на помалку од 10 километри од границата. Претходно украински функционери со недели предупредуваа дека Русија трупа сили на границата со цел започнување на нова офанзива. Овие предупредувања се остварија во петокот наутро кога руската војска тргна по две линии, една кон северот на Харков, другата на исток, кон Вовчанск. И самиот Путин најави формирање на бафер зона во тој дел од границата за да спречи артилериски напади на руска територија.

Во понеделникот Зеленски го отпушти украинскиот командант задолжен за североисточниот фронт.

Украински функционери и експерти објаснуваат дека напредокот на Русија е главно на небранета и раселена територија, која за време на целата војна е редовно бомбардирана заради што не можело да се воспостави безбедносна линија и утврдени позиции.

Во исто време украински офицери се жалат дека немало никаква одбрана на тој дел од границата.

„Немаше никаква прва линија на одбрана. Видовме. Русите едноставно влегоа. Тие само влегоа, без да има никакви мински полиња,“ изјавил командантот на украинската специјална извидничка единица, Денис Јарославски, кој на новинарите од Би-би-си им покажува снимки од дрон како руски војници без проблем ја минуваат границата и влегуваат на украинска територија.

Јарославски објаснува дека украински функционери цело ова време тврделе дека границата е добро заштитена за што се платени големи пари, меѓутоа тој таму не видел ништо од тоа.

„Или се работи за неспособност или за корупција. Тоа не беше неуспех. Тоа беше предавство,“ порачал Јарославски.

15 мај 2024 - 11:36