Бајден потпиша помилување за син му

На неколку недели пред крајот на мандатот, американскиот претседател Џо Бајден потпиша сеопфатно помилување за син му Хантер Бајден. До сега Бајден држеше на ставот дека нема никако да се меша во правните проблеми на Хантер.

фото: ЕПА

Оправданието на Бајден е дека целиот случај против Хантер е политички, претеран и направен да го „скрши“ него и Хантер. Последен пат пред 20 дена портпаролката на Белата куќа изјави дека Бајден нема да го помилува својот син.

Хантер годинава беше прогласен за виновен за поседување оружје без дозвола, со што стана прво дете на актуелен американски претседател обвинето за кривично дело. Казната за ова обвинение требаше да биде донесена на 12 декември. Тој во септември годинава ја призна вината во посебен случај за затајување данок што се водеше против него.

Тимот на Хантер веќе поднел документи до судовите во Делавер и Лос Анџелес, каде што се водеа овие две постапки, за да ги извести за помилувањето и да побара прекинување на постапката.

Ен-би-си пишува дека се работи за „целосно и безусловно помилување“ кое освен тековните постапки ги опфаќа и сите „потенцијални правни предизвици што може да се појават“ и ги покрива „сите дела против Соединетите држави кои се извршени или можеби се извршени или се случиле во периодот од 1 јануари 2014 до 1 декември 2024, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на сите прекршоци за кои е обвинет или за кои се гони.“

Да не беше помилувањето, Хантер ќе беше пред сериозна казна затвор од максимум 25 години за поседувањето оружје, и 17 години за избегнување данок.

 

2 декември 2024 - 08:52