Обвинението доаѓа од највисоки ЕУ функционери според кои Американците заработуваат богатство од војната додека ЕУ членките страдаат.
„Факт е, ако гледате трезно, дека земјата која најмногу профитира од оваа војна е САД бидејќи тие продаваат многу повеќе гас по многу повисоки цени, и бидејќи продаваат повеќе оружје,“ изјавил висок ЕУ функционер за Политико.
На сличен став, неслужбено, се и голем број други ЕУ функционери, дипломати и министри, а првиот дипломат на Унијата, Борел, побара од Вашингтон да одговори на загриженоста на ЕУ, порачувајќи „Американците, нашите пријатели, носат одлуки кои имаат економско влијание врз нас“.
Посебен е проблемот со цената по која САД и го продава гасот на Европа, па сега членките на ЕУ плаќаат четири пати повеќе отколку што тој чини да го купиш во САД.
За САД кривец за растот на цените на гасот е Путин и неговата војна против Украина, а САД драматично го зголемува извозот на гас во Европа за да и помогне „да се откачи од Русија“. Тие објаснуваат дека цената на гасот е одредена од пазарот, а високата разлика не оди во буџетот на САД туку кај компаниите што го продаваат гасот.
Периодов најголемата тензија во рамки на „Западот“ е одлуката на САД заради глобалната криза да ја субвенционира својата економија со пакет од 400 милијарди долари, што според Брисел ќе доведе до нефер одвлекување на трговијата од ЕУ и е закана дека ќе уништи европски индустрии. И покрај целиот притисок и јауци од Европа, за сега САД не покажува знаци дека ќе се откаже од планот.
Дополнителен трошок за Европа ќе биде и пополнувањето на своите воени залихи со оружје и муниција, кои им беа испразнети заради помагањето на Украина. И за покривање на дел од оваа ставка европските држави ќе треба да го празнат својот буџет и да го полнат американскиот.
Во ваква ситуација, Макрон порача дека американските цени за гас не се пријателски, а германскиот министер за економија го повика Вашингтон да покаже повеќе солидарност.