Без разлика колку негираат од Белата куќа, бројките покажуваат дека во изминатите 8 години администрацијата на Обама водела 9 случаи против "свиркачи", споредено со само три случаи кај сите претходни администрации заедно. За ова на големо беше користен Законот за шпионажа, кој е оставштина од Првата светска војна, и чија намена беше да се гонат тогашни владини претставници кои зборуваат со новинари.
За време на Обама, министерството за правда и ФБИ шпионираа новинари преку мониторирање на нивните телефонски записи, еден новинар беше обележан како соучесник во еден кривичен случај само затоа што известувал за него, и издаде судски наредби за други новинари со кои ги присили да ги откријат своите извори и да сведочат во кривични случаи.
Во извештај за Комитетот за заштита на новинарите, се наведува дека војната против протекувањето информации и останатите мерки за контрола на информациите "е најжестока што била уште од времето на администрацијата на Никсон".
Тревор Тим, извршниот директор на фондацијата Слобода на печатот, објаснува дека "Обама ги постави основите што му се потребни на Трамп за досега незабележан притисок врз печатот."
Дана Прист, новинарот на Вашингтон пост и добитник на Пулицер, порачува: "Јавниот обвинител на Обама му дозволи на ФБИ почесто од кога и да е во скоро минато да користи интрузивни мерки против новинари. Моралните пречки за обвинителот на Трамп се тргнати и тој може да оди и подалеку, да заборави дека слободата на печатот е она што нè разликува од другите земји, и да се обиде да го замолчи незадоволството преку замолчување на институциите чија задача е да му да даде глас на ова незадоволство."
Постапките на Обама се нарушување на повеќедецениска пракса, кога американските администрации речиси и не беа заинтересирани за спречување на протекувањето информации. Иако и во тоа време ЦИА или некоја друга агенција започнуваат со истражување на случајот, истата истрага најчесто за кратко време се откажува и заборава. Забелешката кон Обама е што оваа пракса ја наследува од Буш и ја усовршува на сосема ново ниво, наспроти првичните ветувања дека истото ќе биде спречено.
Поборниците за слобода на печатот веќе стравуваат дека за време на новиот јавен обвинител, повеќе новинари и нивните извори ќе бидат прогонувани барем онолку агресивно колку што тоа го правел Обама. Според деканот на Школата за новинарство на Универзитетот Мериленд, Луси Далглиш, ако ова се случи тоа е затоа што "Обама го има поставено патот".