
Групата Млада алтернатива (Junge Alternative), подмладокот на десничарска партија Алтернатива за Германија од денеска повеќе не постои.
Незгодно. Генијално. Храбро! Од 31 март нерегистрираната и легално независна асоцијација Млада алтернатива ќе биде распуштена, пишува на официјалната страница на групата.
Одлуката за затворање на подмладокот беше донесена со двотретинско мнозинство гласови на конгресот на АфД на почетокот на годината. Целта е да не се ризикува забрана за целата партијата преку можна истрага за нејзиниот независен подмладок.
Junge Alternative е најрадикалната организација на списокот „потврдени десничарски екстремистички групи“ на германската канцеларија за заштита на Уставот. Статусот „потврдена екстремистичка група“ им овозможува на федералните власти да отворат истраги за работењето на организацијата, кои може да се прошират на матичната партија и да прераснат во одлука за забрана.
Заканата е сериозна. Многумина политичари повикуваат на затворање на АфД, нагласувајќи ги нејзините „неонацистички корени“. Уставот на Германија дозволува затворање политички партии „што користат демократски средства за да ја нарушат демократијата“. Во повоената историја, судовите забраниле само две партии – неофашистичката Социјалистички рајх во 1952 година и Комунистичката партија во 1956 година. Во блиското минато, судовите блокираа две иницијативи за забрана на неонацистичката Национална демократска партија (НПД).
Истрага никако не ѝ одговара на АфД, која на парламентарните избори во февруари потврди дека е втора најголема политичка сила во земјата. Партијата доби 21% од гласовите и освои 152 пратенички места, 32 повеќе од социјалдемократите на поранешниот канцелар Олаф Шолц.
Сè уште никој нема намера да соработува со АфД или да ја покани во коалиција, но партијата е решена да се етаблира поблиску до центарот на политичката сцена. Планот е да формира нов, помалку екстремен подмладок, врз кој би имала поголемо политичко влијание. Сите членови помлади од 35 години добиле покани да се приклучат на новата младинска организација, која би била отворена само за лица со партиска книшка и официјално би била вградена во партиската структура.
Членовите на распуштениот подмладок велат дека нема да се откажат од политичките активности: „Ни останува мисијата да продолжиме да се буниме и да се бориме за утрешната Германија“.
Нема сосема да бидат раскинати ни идеолошките врските со АфД. Двајца пратеници изјавија дека не гледаат проблем ако младите пеат песни што повикуваат на масовни депортации. Членовите на групата својата кампања против мигрантите ја шират со клипчиња, ремикси на песни, па дури и со тематска видеоигрa.
Сите партии застапени во Бундестагот имаат свои младински организации - генерално политички активни лица на возраст од 14 до 35 години што ги споделуваат вредностите и ставовите на партијата. Унијата Јунге, поврзана со ЦДУ и ЦСУ, се претставува како „најголемата политичка младинска организација во Европа“ со 90.000 членови.