Меѓу наводните жртви на Чапо се конкуренти од сопствениот и спротивставени картели, доушници, полицајци, роднини на Чапо, неговиот поранешен телохранител, и најмалку еден човек кој веројатно уште е жив.
Откако обвинителство го објави списокот, главниот адвокат на одбраната на Чапо, Едуардо Баларезо, порача дека владата сака да покаже дека неговиот клиент наредил убиство на „20 до бескраен број луѓе во период од 25 години.“
Се уште не е јасно како обвинителството планира да докаже дека Чапо е одговорен за овие убиства, иако има огромен број докази кои не се јавно објавени. Американските експерти проценуваат дека обвинителството „треба да е среќно ако докаже барем третина од обвиненијата за убиство што ги имаат наведено.“
Она што одбраната на Чапо го бара по објавување на списокот, е да се наведе целото име и презиме на секоја жртва, и обвинителството да докаже дека тие стварно се мртви.
„Дури и за луѓето што ги имаат именувано ние немаме никаква информација. Не знаеме дали навистина умреле? Дали има тело? Дали има аутопсија која ќе покаже дали биле застрелани или прободени? Не знаеме ни дали го обвинуваат дека ги извршил, дека ги наредил, или дека бил дел од заговорот за нивно убиство. Лудо е,“ изјавува главниот адвокат на Чапо, Едуардо Баларезо.
На списокот на убиени е и Хуан Пабло Ледезма, лидерот на Ла Линеа, вооруженото крило на Хуарез картелот, кој ако е за верување официјалната листа на најбарани луѓе во Мексико, и понатаму е жив и се трага по него.
Малку е поинаква ситуацијата со Хуан Гузман Рока, чие тело е најдено на автопат во Мексико во 2011, меѓутоа во 2014 американското обвинителство на суд призна дека „нема умреница“ за Гузман, но има „кредибилни информации“ дека навистина е мртов.
Одбраната тврди дека со вака општата листа на нафрлани имиња (меѓу кои има и неколку со печатни грешки), се нарушува правото на Чапо на фер судење. Нивната поплака е и дека обвинителството приложило над 320.000 страници документација, плус прислушкувани разговори и снимани видеа, кои мора да бидат прегледани пред претстојното судење.
Иако самиот Чапо не е обвинет за ниту едно убиство, тој е под обвинение за водење на „континуирана криминална организација“, што им дозволува тој да биде обвинет за договарање на елиминацијата на сите луѓе што неговата организација ги убила.
Минимумот што го очекува Чапо е доживотен затвор, но истовремено договорот за екстрадиција што САД го има со Мексико го поштедува од доживотна казна.