80% заразени Руси се помлади од 60 години

Секоја земја има свои специфики на пулот инфицирани од коронавирус и ќе треба уште долго време сите тие податоци да се соберат, спастрат и анализираат за да се извлечат некакви поуки. Во Русија на пример, оние преку 60 години се само 15% од вкупниот број заразени. Интересно е и зошто Русија не ги тестира веднаш оние што се враќаат со авион.

Руските официјални здравствени инстанци велат дека возрасната структура на заболените, во голема мерка се должи на тоа што вирусот во земјата го носат работоспособни луѓе кои се враќаат од странство. 

„Пациенти над 60 години се околу 15%, деца се 5% и останатите 80% се во категоријата од 18 до 60 години. Не затоа што тие се поризична категорија кај нас отколку во другите земји туку затоа што најголем број луѓе во таа категорија се наши граѓани неодамна вратени во странство,“ појасни Ана Попова, шефица на надлежната руска инстанца.

Сите кои се враќаат во Русија се тестираат на коронавирус, но не веднаш штом ќе слетаат од авион. Се праќаат во изолација и се тестираат дополнително затоа што бројни истражувања покажале дека после авионски лет, мукозната мембрана на човекот се менува и веднаш по летот е многу потешко да се детектира агенс на инфекција.

6 април 2020 - 17:13