„Ал Касам бригадите проценуваат дека бројот на ционистички затвореници убиени во Газа како резултат на ционистичките напади и масакри достигна речиси 50,“ објавила групата на својот Телеграм канал.
Најголемите светски новински агенции не можат да ги потврдат овие тврдења. Тоа што веќе е потврдено е бројот на киднапирани израелски граѓани и безмилосните воздушни напади на Израел врз Газа. Процената на израелската влада е дека половина од киднапираните имаат странски пасоши.
Бројката не може да ја потврди ни Белата куќа, а според неименуван израелски функционер, тврдењето е дел од манипулативната кампања на Хамас да се изврши притисок врз Израел да ги прекине воздушните напади против групата.
„Хамас се обидува да го манипулира светот со создавање на лажен наратив за да ги запре израелските напади врз нивната инфраструктура.
Без разлика на тврдењата на Хамас, секоја повреда врз заложниците е одговорност на Хамас и тие ќе одговараат за тоа. Израел ќе продолжи да бара Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи сите заложници,“ изјавил израелскиот функционер.
Во исто време САД продолжуваат со деликатните обиди ем да ја одбранат израелската реакција на нападите, ем да овозможат влез на хуманитарна помош во Газа, и да извадат некој од своите граѓани што беа земени како заложници од Хамас. Додека Москва за време на средбата со делегацијата на Хамас наводно притискала за ослободување на своите граѓани заробени во нападот од 7 октомври.
Паралелно со драмата со киднапираните Израел продолжува со бомбардирањето главно на северна Газа, а повремено ракети знаат да завршат и во јужниот дел.