Подморничкиот ударен капацитет на американската Воена морнарицата е преполовен во критичен период на војна против Иран на која не ѝ се гледа крајот. Една од главните цели на војната сега е да се деблокира сообраќајот низ Ормускиот Теснец, а нема доволно подморници од класите Охајо или Вирџинија, кои се идеални за безбедносна придружба на танкерите.
Ако пак се оддолжи конфликтот на Блискиот Исток, САД мора да чуваат и доволно активни нуклеарни подморници за да одговорат на евентуална воена акција на Кина против американските сојузници во Пацификот.
Главната причина за десеткувањето на подморничката флота е тоа што САД имаат само четири бродоградилишта, кои веќе се застарени и преоптоварени. Деиндустријализацијата во 1970-тите спречи обновување и ги остави бродоградилиштата со инфраструктура од времето на Втората светска војна.

Кога заврши Студената војна, Вашингтон беше убеден дека повеќе нема потреба за голема морнарица, па Конгресот и Пентагон ги запреа модернизациите и обуката на квалификувани занаетчии, кои се сметаа за неоправдани трошоци. Со текот на годините, проблемите се наталожија, па сега кога се неопходни, подморниците чекаат со години во ред за поправки и редовно одржување.
Преоптовареност на бродоградилиштата почнува спирала која ги принудува подморниците да го продолжат времето поминато на море, што ги исцрпува екипажите и предизвикува дополнителни штети од абење во екстремни услови - ризици што може да имаат катастрофални последици.
САД со години се соочуваат и со недостиг на работна сила во бродоградилиштата, кој се мери со стотици илјади работни денови годишно. Канцеларијата за буџет на Конгресот предупредува дека побарувачката за работници ќе ја надминува понудата и во следните 25 години.