Во 2016 претседателските избори и посебно настапот на Трамп на претседателските дебати беше редовна тема во Саут парк. За следната сезона Треј Паркер и Мет Стоун решија да го тераат шоуто во друг правец.
"Оваа сезона сакаме да се вратиме на тоа Картман како се облекува како робот и како го закача Батерс, затоа што за мене тоа е сржта на Саут парк: деца што се однесуваат како деца и се смешни и апсурдни, ама не и 'видовте што направи Трамп ноќеска?' Затоа што веќе не ми е гајле за тоа," изјавува Паркер во интервју за Лос Анџелес Тајмс.
Во претходно интервју Паркер објаснува дека е крајно тешко да се прави пародија на Трамп, бидејќи "тој самиот по себе е пародија."
"Ако имаш да речеме мал мајмун и тој без престан се лупа во ѕид на тебе ти доаѓа 'тоа е смешно, ама како да исмевам мајмун што постојано се удира во ѕид?' Можам да зборувам за тоа како мајмунот се удира во ѕид, можам да го копирам како се удира во ѕид, ама ништо нема да биде посмешно од тоа кога мајмунот сам ќе се лупне во ѕидот," ја објаснува Паркер својата аналогија.
Тој иако признава дека постапките на Трамп се одлични за рејтингот на Сатурдеј најт лајв, сепак тоа не е правецот во кој тој би сакал да се движи неговата серија "да бидеш зависен од следниот бизарен потег на претседателот Трамп".
"Може да ставиме билборди и да пишеме 'Гледајте следната недела што ќе му направиме на Трамп!' и да добие одлични рејтинзи. Ама едноставно не ми е гајле.
Моментално стануваме Си-Ен-Ен. Се претвораме во 'Вклучете се да видите што ќе кажеме за Трамп.' Мат и јас го мразиме ова, ама некако таму сме заглавени," објаснува Паркер.