Движењето ќе се бори против „мерки за штедење за мнозинството и социјализам за банкарите“ и заедно со Европската пролет ќе се залага за реформирање на ЕУ и предавање повеќе овластувања во рацете на избраните претставници на народот наместо „на бирократите извадени од редовите на индустриите кои тие треба да ги регулираат“.
Потребата од вакво движење според Варуфакис е во тоа што „неговата страна“ е крајно расцепкана, наспроти оние од карши.
„Финансиерите се интернационалисти. Фашистите, националистите, расистите - како Трамп, Бенон, Сихофер, Салвини - сите се интернационалисти. Тие се поврзуваат. Единствени кои заостануваат се прогресивците,“ порачува Варуфакис.
На ова претходеше пролетната турнеја на Бенон низ Европа, во која се обидуваше да ја обедини тукашната десница и да ја натера повеќе да соработува. Турнејата не ги даде посакуваните резултати, главно заради превидот дека еден од столбовите на европските крајни-десничари е омразата кон колегите од останатите држави на континентов.
Инаку, коалицијата Европска пролет е поставена и како алтернатива на меинстрим политичари од типот на Макрон и Меркел, кои според нив „сакаат да ја засилат Европската унија без да им дадат директна демократска контрола на европските граѓани“. Во петокот беше изгласана и платформата на Европската пролет, чија клучна цел е реформа на сегашната ЕУ администрација „во која најголемиот дел од моќта е во рацете на лидери кои не се избрани на директни избори“.
За покажување на интернационализмот, Европската пролет на изборите во мај граѓани на една земја ќе ги понуди како кандидати во друга, на пример, Варуфакис ќе се кандидира во Германија.