Телото на Гарет Вилијамс беше откриено во фаза на распаѓање во торба оставена во када. Истрага на Базфид во која се консултирани официјални претставници на американските разузнавачи, заклучува дека тој е еден од најмалку 14 луѓе што се убиени од руски платени убијци на британска територија. Во сите 14 случаи полицијата отфрла нерегуларности додека разузнавачките агенции тврдат дека имаат собрано информации што смртните случаи ги поврзува со Русија.
Тие пренесуваат "високо рангиран извор од американското разузнавање" според кој:
"Кремљ агресивно ги засили своите напори да ги елиминираат и замолчат своите непријатели во текот на изминатите неколку години - посебно во Британија."
Вилијамс работи за МИ6, конкретно за GCHQ (Government Communication Headquarters). Два извора од британската полиција што директно се запознаени со случајот изјавиле дека дел од неговата работа е поврзана со Русија, а еден извор потврдува дека тој и помага на американската НСА во меѓународното следење на патиштата за перење пари што се користат од организираниот криминал, вклучително и московската мафија. НСА не го коментира ова тврдење.
"Независен вештак која ја надгледуваше истрагата околу смртта на шпионот во описна оценка забележува дека тоа најверојатно било 'кривично извршено'. Според висок функционер на МИ6 кој е во служба во времето на убиството на шпионот, овој заклучок 'не беше она што владата го сакаше' затоа што 'им дава валидност на претпоставките дека има некој заговор' за што тој тврди дека 'немало апсолутно никаква докази'," се објаснува во текстот на Базфид.
Скотланд јард се залага дополнително да го испита целиот случај. Меѓутоа во 2013 објавува дека смртта на Вилијамс најверојатно е несреќен случај. Базфид не добива одговор на ниедно од прашањата што ги испраќа до Скотланд јард и британската влада околу 14-те смртни случаи.
Вилијамс исчезнува во август 2010, а британските разузнавачки служби за ова не ја известуваат полицијата. Алармот го крева сестрата на Вилијамс која ги известува луѓето од GCHQ, по што е испратена полиција во тајниот стан од кој работи Вилијамс. Таму го откриваат неговото тело.
Главниот детектив во случајот, Колин Сатон, сведочи дека кога пристигнале во станот тој изгледал како да бил исчистен со цел да се уништат сите докази пред да пристигне полицијата.
Телото го откриваат на 10-ти август, сред лето, а во станот климата била пуштена на најсилно. Според Сатон ова е направено за да се забрза распаѓањето на трупот. И самото тело е толку распаднато што за судска медицина било невозможно да се утврди дали Вилијамс имал отрови во него во моментот на смртта.
Дополнителен сомнеж е што трупот е откриен во црвена Норт фејс торба оставена во када - меѓутоа полицијата не успева да најде никакви отпечатоци или траги од ДНК на Вилијамс на работ од кадата, патентот од торбата или катанецот. Клучот од катанецот бил ставен во торбата под телото на Вилијамс.
Лаптопот, мобилниот и останатите работни материјали на Вилијамс биле педантно распоредени на работната маса во дневната соба. Она што му е сомнително на Сатон е дека низ целиот стан, како и во купатилото не биле откриени никакви отпечатоци и ДНК.
Во истрагата полицијата има проблеми и со луѓето од британските разузнавачки служби, во најголем дел заради таинственоста на информациите со кои работи Вилијамс. Иако во времето кога е откриено телото на Вилијамс тој е мртов веќе околу 10 дена, никој во GCHQ или во МИ6 го нема пријавено неговото исчезнување во полиција, а кога сфаќаат дека го нема и двете агенции го одложуваат преземањето акција. Сестрата на Вилијамс во 11:30 ги алармира неговите колеги, кои дури во 16:30 се јавуваат во полиција.
Друг проблем во истрагата е што заради таинственоста на неговата работа полицијата нема целосен пристап до информациите околу жртвата. Тие не смеат да интервјуираат негови колеги од МИ6 или да проверуваат документи што им се потребни. Наместо тоа, припадниците на друга безбедносна служба ги прегледуваат материјалите па и ја пренесуваат информацијата на полицијата.
Објаснувањето околу тоа како трупот на Вилијамс е откриен во торба затворена од надвор, а полицијата тоа го смета за несреќен случај, е во неколку фази:
- Веднаш по смртта полицијата ги известува медиумите дека Вилијамс често посетувал бондиџ вебстрани и клубови на трансвестити, плус дома има колекција од женска дизајнерска облека во вредност од 15.000 фунти.
- Според луѓе од МИ6 интервјуирани од Базфид, соопштувањето на сексуалните склоности на Вилијамс е крајно невообичаено и се користи за да се оправда "претпоставката" дека задушувањето е несреќен случај и дел од сексуална игра.
- Според патолог од министерството за внатрешни работи можно е Вилијамс сам да се заклучил во торбата. Експертот за спасување луѓе од затворени простори, Питер Фолдинг, повеќе од 300 пати се обидел да го повтори сценариото и да се затвори во торба. Ни еднаш не му успева.
- Заради распаднатоста на телото не може да се утврди дали Вилијамс претходно бил отруен. Од МИ6 до семејството на Вилијамс испраќаат "најдлабоко извинување" за тоа што доцна го пријавиле исчезнувањето на Вилијамс.