Долгата рака на сиромаштијата го надминува чисто материјалниот концепт (сиромашните деца на Западот обично се нахранети и не се смрзнуваат од студ) и ја опфаќа неможноста на учествување во општествениот и културниот живот, што во пракса значи дека не можат да си дозволат одење во кино, курсеви или славење роденден.
„Во многу случаи овие деца се помалку самоуверени, не можат лесно да најдат пријатели, а подоцна на работа не го искористуваат својот потенцијал. Затоа заработуваат релативно малку и на своите деца во наследство им оставаат - сиромаштија,“ пишува Кристоф Хаселбах во текстот за Дојче веле.
По новата равенка на ОЕЦД и ЕУ, секој што има помалку од 60% од нето приходот се смета за сиромашен, во бројката влегуваат и приходи како детски или станбен додаток.
Со ваква математика, ако четворочлено семејство во Германија, во зависност од возраста на децата, месечно има нето приходи меѓу 1.978 и 2.355 евра, тоа се смета за сиромашно.
Така според студијата на фондацијата Бертелсман за детската сиромаштија, од ноември 2017, во Германија секое 5-то дете живее во сиромаштија и често засекогаш останува сиромашно.
„Кој е еднаш сиромашен, долго останува таков. Премалку семејства успеваат да излезат од сиромаштијата,“ објаснува член на управниот одбор на Бертелсман.
На листата за ризик од сиромаштија, највисоко котира Данска каде само 13,8% од децата се во опасност од сиромаштија (според новата формула). Процентот е највисок во Романија и изнесува 49,2.
Германската организација за права на децата „Deutsches Kinderhilfswerk“ годинава наместо статистики за сиромаштијата одлучи да објави мислења на децата и возрасните за причини и решенија за сиромаштијата.
„Најважниот резултат гласи: децата и возрасните се чувствуваат напуштени од страна на државата. Три-четвртини од нив сметаат дека државата и општеството прават ’малку’ или ’многу малку’ против сиромаштијата. Во споредба со ланскиот извештај, бројот на луѓе кои вака се чувствуваат пораснал за 9%,“ пишува Хаселбах.
Како мерки против сиромаштијата што биле побарани, на прво место веќе не се повеќе пари за детски додаток, туку поквалитетни места во дневниот престој во училиштата и повеќе бесплатно образование.