Кети Пери го допре прагот на вселената, но каде е тоа?

Пејачката Кети Пери, новинарката Гејл Кинг, свршеницата на Џеф Безос и уште три сопатнички го завршија својот краток вселенски излет со леталото „Blue Origin“ на Безос. Се спуштија безбедно во Тексас откако поминаа 11 минути на височина од 100 километри. Задоволството од неколку минути во бестежинска состојба, значката со сребрени крилја и дипломата „астронаути“ чинат 150.000 долари.

Капсулата „Blue Origin“ ги носи туристите до нејасната Карманова линија која се протега на  височина од 84 до 100 километри. Во астронаутиката не е прецизно поставен прагот по кој почнува вселената, како што има праг за звучниот ѕид. Сè зависи од мисијата.

Конкурентната компанија за туристички летови Virgin Galactic за вселена ја смета височината над 88,5 километри, до каде што стигнуваат нејзините летала, а НАСА долго време ја постави границата на 81 километар и им делеше астронаутски значки на сите што ќе отпатуваат подалеку, дури и на пилоти на експериментални авиони. Но, таа пракса заврши во 2021 година.

Теодор фон Карман, унгарско-американски инженер и физичар и коосновач на лабораторијата за млазен погон на НАСА, беше меѓу првите што се обиде да ја разграничи астронаутиката од аеронаутиката.

Имате височина на максимална рамнотежна брзина на која атмосферата станува толку тенка што бродот повеќе не може да се потпира на динамиката на летот на авионите. Можете да ја покажете на графикон и да кажете: „До тука сте вселенско летало, а  до тука авион“, објаснува Скот Нојман, претседател на Комисијата за астронаутички рекорди на федерацијата ICARE.

Поранешниот астронаут на НАСА, Тери Виртс нема ништо против делење значки за туристи, но додава дека има огромна голема разлика дали сте патник на петминутен лет или командант на меѓупланетарно вселенско летало.

Кога ќе го врзете задникот за ракета, мислам дека тоа вреди нешто. Кога бев пилот на ф-16, не чувствував љубомора што и оние во „цесна“ ги нарекуваат пилоти, изјави Виртс за National Geographic.

Лебдењето во бестежинска состојба има уште помала врска со вселената, особено на надморските височини до кои летаат Blue Origin и Virgin Galactic. Чувството се создава кога капсулата ќе го достигне својот врв и ќе остане таму некое време пред да почне да се враќа кон земјата. Астронаутите на Меѓународната вселенска станица остануваат во микрогравитација со месеци.

14 април 2025 - 16:01