И катализатори се крадат на ангро заради Украина

Последниве неколку години нагло пораснале кражбите на автомобилски катализатори во САД. Нивната вредност е во металите кои ги содржат а се дефицитирни на пазарот заради глобално пореметената економија и ланци на набавки. Добро што веќе не се во мода златни заби, по улици ќе ни ги вадеа.

За само две години кражбата на катализатори во САД пораснала за 1.000%. 

Во 2018-та биле украдени 1.298 а во 2020-та 14.433 катализатори, оној дел од издувниот систем кој служи како филтер за намалување на штетните гасови. Задолжителен дел на секој автомобил станува во 1975 година. 

За вешти раце, рамен стомак и здрава кичма (мора да се наведнеш и да се пикнеш под кола) за да се дрпне катализатор доволни се 30-тина секунди, а делот е ценет кај арамиите заради растот на цената на ретките метали во него - платина, паладиум и родиум.

Тие главно се ископуваат и носат од Русија и Јужна Африка но војната во Украина и проблемите во глобалните ланци на набавки енормно ја зголемуваат нивната цена. 

Омилени мети се оние возила кои имаат два катализатора или пак модели како Тојота Пирус, во чиј катализатор има поголема количина вакви метали, за да се подобрат перформансите при зголемена температура.

Сакани се и комбиња зашто се „подигнати“ па човек лесно може да се вовлече под нив и во два потега со моторна пила,  да го лапне катализаторот. 

Лесно се дознава кога е украден катализаторот. Колата ќе бучи како локомотива и ќе дими како да горите гуми. За добар дел од она што се вози кај нас, тоа не се некои посебни проблеми на кои човек треба да се осврнува. 

********

3 ноември 2022 - 11:01