Роџер и неговата сопруга Лара живееле сосема солидно се додека на британската лотарија не ја добива премијата од 1,8 милиони фунти.
А тоа е цифра која може да ви го смени животот. Во нивниот пример, не засекогаш.
Првиот нивен потег звучи нормално: веднаш даваат отказ на своите тогашни работни места, тој како ИТ менаџер со годишна плата од 38.000 фунти, таа со слична плата како професор по уметност.
Па малку да се почестат: летувања во Дубаи, Њујорк и Монако, секаде во хотели со 5 ѕвезди. Трошат по 15.000 фунти за десет дена
Двете ќерки ги отпишуваат од јавно и ги запишуваат во приватно училиште за кое плаќаат 20.000 фунти годишно.
Тој прво си купува Ауди од 18.000 фунти, но подоцна го менува за Порше Карера (28.000) а Лара се вози во Лексус (24.700). Набргу се скрасуваат во луксузен имот (800.000) во питорескно селце во Западен Јоркшир.
Време е малку да се остварат младешките фантазии.
Роџер го собира бендот кој го имал во студентски денови и повторно прави група, вработувајќи и публицист (1.000 фунти месечно) кој треба да помогне да станат славни.
Снимаат само една песна што вкупно го чини 25.000 фунти, најмногу затоа што Роџер за време на лондонските проби сакал да престојува во Сандерсон Хотел, кај што се муваат познати и пиел коктел со некој од Тејк Дет.
Синглот се продава во мизерен тираж од 600 копии.
Време е малку да се оплодат парите.
Лара сака да стане газдарица на козметички салон (сегде се исти!) за кој даваат 100.000 фунти а набргу почнува да прави зијан од 4.000 фунти месечно.
На крај го продаваат со голема загуба.
Неговите деловни потези чинат уште повеќе: решава да се занимава со продажба на недвижности: купуваш куќа, ја реновираш и ја продаваш за повеќе пари, со профит. Го прави тој тоа, само без профит.
Во меѓувреме продолжуваат да патуваат низ светот, по хотели во кои имаат лични батлери. Тој си ги белее забите, си прави тетоважи, таа обожава да пазари ташни во Луи Витон.
Ама, парите се трошат, љубовта се кине.
Проблемите почнуваат кога почнуваат да чепкаат и во личниот оф-шор фонд за црни денови (700.000) кој бргу го трошат.
Почнуваат кавги, расправии, обвинувања за тоа кој повеќе ги спичкал парите. Дали тој и неговите глупи желби да стане рок ѕвезда или таа, нејзината желба да стане газдарица на салон и лудите купувања на луксузна облека.
Кавгите завршуваат со развод на 14 годишниот брак. Децата се кај неа, тој живее скромно во едно камено куќиче и вели дека не му е најјасно како пропаднал.
"Ми требаа месеци да се навикнам на новиот статус а потоа се ми се сруши пред очи," вели некогашниот милионер.