Адвокатите често се мета на бучни сомневања и предрасуди кога бранат клиенти кои го имаат навлечено гневот на јавноста. Минатата недела адвокат се откажа од понатамошно бранење на својот клиент во случајот за убиството на раперот Нипси Хасл. Јавноста толку се вознемирила затоа што одбрал таков клиент што после лавината вообичаени напади („Колку пари зема да браниш такво ѓубре?“), почнале да му се закануваат и со безбедноста на децата.
Адвокатурата и нејзината витална функција во правниот поредок преживуваат благодарејќи на јадрото разумни луѓе кои го има во секоја генерација а кои разбираат дека одбраната на обвинет криминалец не значи одбрана и правдање на делото и злото туку суштински елемент во судскиот процес во кој двете страни имаат подеднакви права и шанси да ја опишат, објаснат и потпрепат својата приказна.
Образовните институции треба меѓу младите да ја јакнат оваа јуристичка логика. Харвард реши да ја поткопа.
Срамната харвардска капитулација пред јавните страсти започна на почетокот на 2019-та година, кога Роналд Саливен, афро-американски професор по право и и еден од деканите во Харвард (инаку човек познат по бројни случаи кога успеал да извади од затвор невино осудени лица, главно од маргинализирани групи), објави дека ќе работи како адвокат во одбраната на осрамотениот холивудски продуцент, Харви Вајнстин.
„Многу студенти изразија згрозеност, тврдејќи дека неговата одлука да брани човек обвинет за насилство врз жени, го дисквалификува Саливен меѓу студентите,“ пишуваше Њујорк Тајмс.
Саливен бил вербално напаѓан а неговиот дом неколкукратно бил вандализиран со непристојни графити, иако во меѓувреме во негова одбрана јавно излегоа луѓе на кои им помогнал, меѓу нив и жртви на сексуални насилства.
Во ваква ситуација, управата на Харвард матно порачува дека „во светло на загриженоста на студентите“ планира темелно да „ја процени климата“ што го прави со прашалници анкетни ливчиња меѓу студентите. Тие очигледно ја потврдиле својата решеност за отстрел и од пред некој ден, Саливен останува професор но не и декан. Функцијата истовремено ја губи и неговата сопруга која исто така била декан во престижниот универзитет.
Се наметнува загриженост дека ваква одлука на институција како Харвард само ќе ги обесхрабри младите правници и адвокати да се вплеткуваат со потенцијално контроверзни клиенти и ќе ги зголеми шансите за неправични судски одлуки, особено за сиромаштијата. Во тој и таков свет, на самите студенти од Харвард влакно нема да им фали.
За да биде сторијата докрај несреќна, Саливен на крајот сепак решава да го откаже ангажманот во тимот на Вајнстин, за само два дена подоцна, администрацијата на Харвард ладно да порача дека не планира да ја промени својата одлука за неговата смена.